И покрај постоечката двомесечна блокада од страна на американската администрација, кинеската компанија Huawei не се откажува од следниот премиум модел на телефон. Како што стојат работите, на есен оваа година би требало да ја очекуваме новата генерација на Mate 30 серијата.
Првите рендери од смартфонот веќе се појавија на интернет, но бидејќи се разликуваат во зависност од изворите, нивната автентичност е ставена под знак прашалник.
Најновиот рендер за претстојниот флегшип на Huawei го открива кружниот изглед на системот камери на Mate 30, во кој се сместени четири камери. Покрај четирите камери, телефонот ќе има и петкратен оптички зум, а дизајнот на целиот систем е производ на соработката помеѓу Huawei и Leica.
Со оглед на тоа што на задната страна од телефонот не може да се забележи сензор за отпечатоци од прст, може да се претпостави дека и тој ќе ги следи актуелните трендови и ќе биде интегриран под екранот.
Според досегашните информации, Huawei Mate 30 би требало да има AMOLED дисплеј со дијагонала од 6,71 инчи, а ќе доаѓа со процесор Kirin 985 и Balong 5000 5G модем. Се очекува дека батеријата со капацитет од 4.200 mAh ќе има поддршка за брзо полнење од 55W.