Српскиот кошаркар Никола Јокиќ од натпревар во натпревар урива по некој рекорд во НБА лигата, а тоа беше случај и ноќеска при поразот на неговиот Денвер од Феникс со 129:124, со што се израмнија во полуфиналната серија од плеј-офот на Западната конференција.
На овој дуел Јокиќ постигна 53 поени со неверојатен шут од поле, погодувајќи 20 од 30 обиди, а 11 од 13 обиди беше прецизен од линијата за слободни фрлања. Бидејќи имаше и 11 асистенции, успеа да собори уште еден рекорд.
Имено, Јокиќ стана првиот центар кој постигнал повеќе од 50 поени и повеќе од 10 асистенции во натпреварите од плеј-офот, но за жал, не можеше да му помогне на својот тим да дојде до третата победа против Феникс Санс.
Иако беше одлично расположен за игра, на крајот не можеше да се справи со разиграните Кевин Дурент и Девин Букер кои постигнаа по 36 поени. Дурент беше тој што му оддаде почит на Јокиќ по натпреварот.
„Тој е неверојатен, силен е и не промашува. Кога го гледате како ја шутира топката, мислите дека нема да ја погоди, а тој го прави тоа. Неверојатен е“, изјави Дурент.
Потсетуваме, Јокиќ во третиот натпревар од плеј-офот против Феникс собори рекорд и стана првиот играч кој постигнал повеќе од 25 поени и придодал повеќе од 15 скока и асистенции.
Петтиот натпревар од серијата меѓу Денвер и Феникс ќе се игра во среда рано наутро во 4 часот по македонско време.