Нов Зеланд ќе ги отвори своите граници за посетителите од Австралија од 19 април, соопшти денеска премиерката Џасинда Ардерн.
Границите на двете држави се затворени, освен за државјани и лица со право на престој, со неколку исклучоци, од март 2020 година.
„Транстасманискиот балон за патување“ ќе им овозможи на Новозеланѓаните и Австралијците да патуваат помеѓу двете земји без да мора да одат во карантин, рече Ардерн.
Таа додаде дека управувањето со пандемијата и спречувањето на ширењето на COVID-19 во Нов Зеланд било „огромен напор“ минатата година.
„Жртвата беше неможноста да се гледаме со роднините и пријателите кои живеат во Австралија. Ова претставува почеток на ново поглавје во нашиот одговор на короната и нашето закрепнување“, рече таа.
Ардерн исто така предупреди дека патниците мора да ја разгледаат можноста за прекинување на патувањето доколку избие инфекција во која било од двете земји.
Нов Зеланд во вторникот пријави 17 нови случаи на COVID-19, сите откриени на границата.
Во моментов има 74 активни случаи на COVID-19, со вкупно 2.524 регистрирани случаи и 26 смртни случаи.
Австралија има околу 146 активни случаи, и од почетокот на пандемијата објави 909 смртни случаи и околу 29.000 случаи на зараза.