Најновата оригинална серија на Netflix се вика „Warrior Nun“, а критичарите ја квалификуваат како „ако Бафи беше религиозна хероина“.
Во првиот трејлер се запознаваме со Ава (Алба Батиста), млада жена која ќе се разбуди во мртовечница и ќе сфати дека во телото носи света реликвија што ѝ дава неверојатна моќ и ѝ ја предодредува судбината – да се бори против злото.
Ава неволно се приклучува на древен христијански ред кој се бори против демони, а во трејлерот ги запознаваме и сестрите-воини на Ава.
Серијата е базирана на стрипот Warrior Nun Areala на Бен Дан, првпат објавен во 1994 година, во кој се спојува христијанската иконографија со суперхеројска акција.
Netflix ја доби лиценцата за ТВ-адаптација во 2018 година, а снимањето на првата сезона се одвиваше од март до јули, 2019 година во Шпанија.
Серијата ќе има премиера на 2 јули на Netflix и според трејлерот, ветува дека ќе биде од оние „заразните“.