Истражувачите на животот на Леонардо да Винчи тврдат дека имаат нови докази околу потеклото на неговата мајка. Документи издадени на извесна Катерина, „Јакова ќерка и робинка од Черкезија“, откриени во Државниот архив во Фиренца, фрлаат ново светло за потеклото на мајката на славниот уметник и пронаоѓач.

Истражувачите веруваат дека споменатиот документ се однесува на мајката на Леонардо да Винчи, како и тоа дека претставува своевиден доказ дека таа била робинка од Кавказ. Поточно од Черкезија, регион кој се наоѓа северно од Азовското Море и денес е автономна република во состав на Руската Федерација.
Веќе доста долго постои верувањето дека мајката на Леонардо била робинка, а често е опишувана и како неписмена селанка. Новите докази сугерираат дека можеби тоа воопшто не било така, туку дека едноставно не знаела да чита и пишува на тоскански јазик. Професорот од Универзитетот во Неапол и експерт за ренесансата, Карло Вече, тврди: „Сосема случајно пред неколку години беа откриени овие документи, а јас почнав да ги проучувам за да докажам дека робинката по име Катерина не е мајката на Леонардо. Но, на крајот сите докази го сугерираа спротивното, особено документот за ослободувањето“.
Интересно е што на документите е потпишан нотарот Пјеро да Винчи, односно таткото на Леонардо, од 2 ноември 1452 година - кога уметникот имал 6 месеци. Пјеро не бил сопственик на Катерина, туку извесна дама по име Џиневра. Вече објаснува како сите податоци укажуваат дека таа била киднапирана во Черкезија и продадена во ропство, а преку Константинопол стигнала во Венеција, од каде и во Фиренца. Најверојатно Пјеро ја запознал додека слугувала во Палацо Кастелани, сега позната како Музеј Галилео. Набрзо потоа останала трудна, а нејзината сопственичка ја ослободила, или по сопствена волја или по убедување на таткото на Леонардо.

Леонардо да Винчи првите десет години од своето детство ги поминал со својата мајка, која сама го израснала. Пјеро да Винчи не ја оженил бидејќи поради неговиот статус бил принуден да земе жена од негов општествен слој. На Катерина ѝ бил најден соодветен маж кој ја прифатил нејзината ситуација - во документите од тоа време Леонардо се споменува како „внук на Пјеро да Винчи“, израз кој во тоа време се користел за вонбрачни деца.