Ф1

Новиот болид на Ferrari – клучен за враќање на титулата во Формула 1?

15. февруари 2019 - 14:11 | К.З.

Оваа недела беше исполнета со промоции на новите болиди на тимовите од Формула 1 натпреварувањето, а последен во низата е Ferrari, кој сезонава ќе се обиде да ја прекине 11-годишната пауза без освоена титула.

Како член на престижното друштво, од Ferrari секогаш се очекува да има конкурентен болид, но резултатите од последните неколку сезони се разочарувачки, иако италијанскиот конструктор постојано има еден од најдобрите болиди во Формула 1.

Новиот болид е наречен SF90 и првото нешто што се забележува на него е дека има многу помалку црвена боја отколку во изминатите години. Поради новиот главен спонзор на тимот, Mission Winow, оваа година покрај црвената, на болидот доминира и црната боја.

Новиот возач Чарлс Леклер се појави на промоцијата заедно со добро познатиот Себастијан Фетел. Двајцата ќе се обидат да ја „скршат“ лошата серија на Ferrari, а ако се суди според болидот, изгледа дека ќе имаат многу добра шанса за тоа.

Последниот возач на Ferrari кој успеа да освои титула е Кими Раиконен во 2007 година, додека последната титула во конкуренција на конструктори дојде една година подоцна. Оттогаш, следува 11-годишен тежок период за Ferrari, во кој неколкупати беа многу блиску до триумф, но немаа доволно среќа да бидат шампиони – ниту во возачка, ниту во конкструкторска конкуренција.

Коментирај