Мобилни

Новиот Samsung ќе го има „најдобриот екран на пазарот“

10. јули 2019 - 14:52 | К.З.

Уште само еден месец ни остана до премиерата на новиот Samsung Galaxy Note, а новите информации за смартфонот не престануваат да пристигнуваат. Последните новости ветуваат многу, како што и се очекува од еден уред на јужнокорејскиот гигант.

Познатиот инсајдер Ice Universe објави дека новиот Galaxy Note 10 ќе го има најдобриот екран кој во моментов може да се најде на пазарот, но и дека нема да има 3,5 милиметарски отвор за слушалки.

Кога вели „најдобар екран“ не мисли на најиновативниот. Тој ќе има исклучителна основна метрика, како што се светлост, острина и нивото на црни бои, но ќе му недостасува освежување на екранот од 90Hz – карактеристика која ја видовме кај One Plus 7 Pro, а која овозможува неверојатно мазно скролање и зумирање.

До почетокот на август, за кога е најавена премиерата на Galaxy Note 10, светските медиуми сигурно ќе „ископаат“ уште некоја информација околу овој смартфон.

Добро известените извори шпекулираат дека новиот уред на Samsung ќе има QHD+ Infinity дисплеј со дијагонала од 6,3 инчи, максимум 12GB внатрешна меморија, а на задната страна ќе има три камери.

Цената на Galaxy Note 10 се предвидува дека ќе биде помеѓу 980 и 1.070 евра.

Коментирај