Авто новости

Новиот SUV на Giugiaro ќе постигнува 250 км/ч на било каков терен

6. февруари 2019 - 11:06 | К.З.

GFG Style, компанијата која ја основаше легендарниот италијански дизајнер Џорџето Џуџаро (Giugiaro) заедно со неговиот син, на претстојниот саем за автомобили во Женева ќе претстави нов атрактивен концепт, овојпат за автомобил од SUV сегментот.

Ниту Џуџаро не е имун на трендовите, па затоа новиот SUV од неговата компанија ќе биде со електричен погон.

Се работи за електричен SUV со две седишта, кој има интересно име – Kangaroo. Неговиот главен адут, покрај дизајнот, ќе биде брзината. Од компанијата велат дека Giugiaro Kangaroo ќе забрзува од 0-100 км/ч за 3,5 секунди, и ќе може да постигне брзина од 250 км/ч на било каков терен – од автопат до планински патишта.

Обликот на возило од SUV сегментот го натера производителот да го нарече овој автомобил „електричен хипер-SUV“, иако првата фотограгија која беше прикажана не открива многу за изгледот на возилото. Kangaroo ќе има седишта само за возачот и совозачот, погон на сите четири тркала, како и можност за управување на сите четири тркала.

Овој електричен автомобил ќе биде базиран на напредна алуминиумска платформа со каросерија од карбонски влакна, а се очекува да се појави на кинескиот пазар кон крајот на 2019 година.

Коментирај