Авто новости

Ново ниво на безбедност: Автомобили што нема да може да ги возите под дејство на алкохол

21. март 2019 - 13:37 | А.С.

Тимот на Volvo е одлучен во намерата први да го достигнат нивото на бескомпромисна безбедност при возење, со крајна цел целосно да ја искоренат можноста да се повредите во нивните автомобили. Сега автомобилската компанија воведува нови безбедносни системи.

Специјална камера

Volvo во блиска иднина планира да ги опреми своите автомобили со системи со камера што ќе ја следи состојбата на возачот и ќе може да детектира каква било промена, па дури и да процени дали возачот е под дејство на алкохол или дрога. Тоа е многу важно, особено ако се земе предвид дека според статистичките податоци, 30% од сите сообраќајни несреќи во САД ги предизвикале возачи под дејство на опијати.

Во случај системот да процени дека возачот е под дејство на алкохол, автоматски ќе ја ограничи брзината на автомобилот, а потоа, ако возачот не застане, сервисот Volvo on Call ќе ги извести надлежните служби. Последната фаза е забавување и автономно паркирање на автомобилот.

„Кога е во прашање безбедноста, наш приоритет е да се спречи каква било несреќа. Во овој случај, камерите следат за да го регистрираат однесувањето на возачот кое би можело да предизвика сериозна несреќа или смрт“, објаснува Хенрик Грин, шеф на одделot R&D во групацијата Volvo.

Во пракса тоа значи дека безбедносниот систем ќе реагира ако автомобилот почне да застранува од патот или ако возачот ги затвори очите на подолго време. Volvо планира да почне да ги вградува овие системи во своите возила од следната година.

Посебен клуч

Таканаречениот Care Key е посебен клуч што може да се програмира за да се регулираат подесувањата на возилото. Тоа е важно за сите оние кои планираат да влезат во carsharing програма или да го делат автомобилот со други членови на семејството.

Во пракса тоа значи дека во ситуација кога ќе го дадете клучот на некој со помало возачко искуство, ќе може претходно да ја ограничите максималната брзина на возење.

Овој систем ќе биде сериски од 2021 година на сите модели на Volvo, а првичните информации покажуваат дека поради него осигурителните компании ќе одобруваат дополнителни бонуси.

Коментирај