Мобилни

Ново одложување: Дали свитливиот смартфон на Samsung воопшто ќе се појави на пазарот?

17. јуни 2019 - 15:06 | К.З.

Најпрво беше закажан за почетокот на овој месец, па потоа неговата премиера беше презакажана за стартот на јули, а сега од Samsung велат дека свитливиот смартфон Galaxy Fold нема да се појави на пазарот летово. Оваа информација само ги „подгреа“ шпекулациите дека Galaxy Fold нема ни да се појави во продажба, туку ќе биде исфрлен од производната линија на Samsung.

Смартфонот од најновата генерација официјално беше претставен во февруари, а тогаш беше најавено дека ќе се појави во продажба веќе од мај, но проблеми со механизмот на свиткување ја натераа јужнокорејската повторно да ја одложи неговата премиера.

Доверлив извор близок до Samsung за The Korea Herald известува дека компанијата нема направено никаков прогрес во поправањето на проблемите со механизмот на Galaxy Fold, а тоа ја натерало компанијата да го одложи датумот за лансирање во продажба.

„Нема никаков напредок во работата на Galaxy Fold уште од април. Одложувањето е дефинитивно, но компанијата мора да преземе нешто доколку сака да го види телефонот на пазарот во блиска иднина“, објаснува изворот.

Galaxy Fold, кој чини скоро 2.000 американски долари, од компанијата Samsung беше опишан како „иднината во светот на смартфоните“ и од него се очекуваше да поведе нова револуција во начинот на користење на телефоните. Сега не само што премиерата на телефонот е ставена под знак прашалник, туку дискутабилно е дали тој воопшто ќе се појави на пазарот во формата во која беше најавен.

Коментирај