Вести

Новогодишниот предизвик на Закерберг – да го подобри светот на технологијата

9. јануари 2019 - 16:40 | К.З.

Секоја година основачот на Facebook, Марк Закерберг, си поставува задача или план кој има намера да го исполни во наредната година. Неговиот план за 2019 година е да го подобри светот на технологијата преку поставување на прашања и дискусии со неговите колеги од Силициумската долина.

„Мојот предизвик за 2019 година е да организирам серија на јавни дискусии за иднината на технологијата во општеството – можностите, предизвиците, надежите и непознатите елементи.[...] На секои неколку недели ќе разговарам со лидери, експерти и луѓе од нашата заедница кои доаѓаат од различни гранки и ќе пробувам различни формати за сето тоа да биде интересно. Сите овие дискусии ќе бидат јавни и ќе се емитуваат на моите Facebook и Instagram профили“, напиша Марк Закерберг во неговиот Facebook статус.

Во неговата објава, Закерберг постави прашања за вештачката интелигенција, енкрипција, онлајн заедници, отворање на нови работни места, децентрализација и многу други полиња кои се „жешка“ тема во светот на технологијата.

По бурната 2018 година, која беше исклучително тешка за Марк Закерберг и Facebook, тој се надева дека ќе може да се врати во колосек и да го спречи (или барем намали) лошиот публицитет околу неговата компанија. Сепак, не може со сигурност да се каже дека овој потег на Марк ќе успее да дејствува позитивно во однос на неговиот загрозен интегритет, иако на прв поглед изгледа како вистински чекор напред.

Коментирај