Македонија
Реакција за неисполнувањето на Планот за чист воздух

O2 Иницијатива: Од Програмата за намалување на аерозагадување за оваа година, сè останува на ЌЕ

17. септември 2019 - 10:45 | Кајгана

O2 Иницијатива испрати реакција за неисполнувањето на Планот за чист воздух, која интегрално ја пренесуваме до јавноста:

"Заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули во интервјуто за Слободен печат од 15 септември 2019 вели дека погрешно сме го прочитале презентираното или разбрале.

Она што кажавме е дека од Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2019 со 2 милиони евра, нема НИШТО реализирано и дека објавена e само ЕДНА јавна набавка за која сè уште НЕМА склучен договор, во висина од 439 илјади евра за замена на греење во јавни објекти. При тоа, пренаменети се средства од оваа Програма за гасификација на болницата во Струмица, што требаше да се направи независно.

Макрадули и самиот потврдува дека има пренамена на средствата, затоа што НЕ направиле веб платформа за следење на имплементација на Планот за чист воздух и НЕ направиле кампања во врска со различните облици на аерозагадување. Она што заборавил да додаде, е дека НЕ е направен ниту план за замена на постоечките нееколошки системи за греење во домаќинства и јавни објекти во најзагадените градови. Планираните средства за изготвување на потребните законски измени и правилници исто така се тргнати.

Макрадули наведува дека веб платформата, ЌЕ се изработела од страна на Генералниот секретаријат на Владата, со нивни средства, а кампањата ЌЕ била покриена од средства на МЖСПП. Дека небитни, може да чекаат. Што ќе ни е да ја следиме имплементацијата, кога ионака ја нема? За да се види колку не се исполнило? Кампања за палење на стрништа, отпад, кабли, гуми, пластика, за горење мебел, лакирано дрво, јаглен, нафта, мазут, кокс, за штетноста и последиците, не треба, свеста е висока, еве гледаме секојдневно по чадовите од кои сме сардисани.

Што е тоа што погрешно сме го разбрале, кога тој со изјавата потврдува дека сосема точно сме разбрале. Можеби мисли на различните суми објавени за замена на начинот на греење? На прес-конференцијата минатата недела, Макрадули објави дека ЌЕ бидат набавени инвертери, топлински пумпи и сл. за домаќинства и јавни објекти во вредност од 64 милиони денари во сите општини кои се пријавиле, не само во најзагадените, како што стои во Програмата. А во неа првично стои дека за таа цел треба да се наменат 69 милиони, за да со изменета пред две недели станат 74.5 милиони. Поради пренамената пак пред недела дена на 5 милиони за гасификација на струмичката болницата, треба да има 69.5 милиони за таа цел, а не 64. На крај, јавна набавка до денес е објавена САМО за 26.76 милиони за измена на начинот на греење во јавни објекти, а таму ги нема Битола, Тетово, Куманово, Кичево, Струмица, Велес, Гостивар, Аеродром, Гази Баба, Чаир, Шуто Оризари, Кисела Вода, најзагадените општини. Хаос. Нема никаква дилема и јасно се гледа дека на брзина менувале и одлучувале, без потпирање на вистински анализи и планови. Инаку, во годишниот план на Владата јавните набавки биле планирани да се спроведат во текот на март и април, сега ЌЕ слушавме за нивната реализација.

Од Програмата за намалување на аерозагадување за оваа година, сè останува на ЌЕ, на прагот од грејната сезона и само 3 и пол месеци до крајот на 2019.

Најавено е дека ЕСМ (поранешен ЕЛЕМ) ЌЕ дал 3-4 милиони евра за замена на печките на дрва со инвертер клими во Скопје, Битола, Тетово и Кичево и ЌЕ давал по субјект до 1.000 евра. Тоа се 3.000 до 4.000 домаќинства во овие 4 града. За споредба, само во Скопскиот регион има над 52.000 домаќинства кои се греат на дрва. Директорот на ЕСМ ЌЕ чекал одобрение од Владата за да може да ги потроши тие 3-4 милиони евра народни пари, зошто не спаѓа во функција на работењето на ЕСМ. Макрадули кажа дека граѓаните, првенствено од ранливите категории, во зоните каде загадувањето е енормно ЌЕ имаат можност, согласно закон да добијат 100% поврат на средствата за замена на печките на дрва со инвертер клими. ЌЕ се донесело законско решение во вид на ваучери. За висината на средствата одлуката ЌЕ ја донеле институциите во рамки на ЕЛЕМ, како одлука на Владата, што ЌЕ било релативно брзо.

ЌЕ се набават материјали за енергетска ефикасност за 66.000 евра помалку од предвидените, само не во Тетово, Куманово, Гостивар, Сарај, Центар, Чаир, Аеродром, Кисела Вода, ним не им требаат изолирани објекти, нек' гори ќумбето, нек' се ложи, дотури од нафтата, маслото, народ плаќа.

ЌЕ се набават материјали за зелени урбани површини во Град Скопје со општините, освен Чаир и Сарај, таму не им треба зеленило и зелени ѕидови да се заштитат.

ЌЕ се набават пречистувачи за 34 училишта во висина од 41.000 евра. Допрва ЌЕ дознаваме кои се, иако јавниот повик заврши пред безмалку месец дена.

ЌЕ се набават/инсталираат триесетина филтри во малите и средни претпријатија во Пологот кои преработуваат дрво и произведуваат мебел. Ова треба да се филтри изработени од компанијата избрана во О2 предизвикот на Фондот за иновации, но колку ќе чинат, дали 41.000 евра, не е наведено. Не е назначено ни на кој начин овие компании ЌЕ ги исплаќаат филтрите.

Филтрите се наменети само за Полошкиот регион, што значи дека големиот загадувач во Пехчево, ДИК Фагус, ако до сега не си поставил филтер, ЌЕ продолжи да испушта црнила и понатаму и труе сè наоколу.

Покрај долгата низа на ЌЕ активности од Програмата за 2019, поразително е што Макрадули изјавува дека ова е прва зима каде што борбата со аерозагадувањето започнала летово. Борбата против аерозагадувањето требаше да започне со првиот ден од формирањето на оваа Влада и да не престане. Ваква изјава, при крај на мандатот, само ја дава вистинската слика за тоа како оваа Влада (не) се справува со аерозагадувањето.

Важно упорно се лиферува бројката од 20-ина милиони евра кои другите институции ги намениле за намалување на аерозагадувањето, иако таа сума ја наведуваа првично за заштита на животната средина. Кога ќе ги прашаш на што се планирани, потрошени тие 20-ина милиони евра, одговор нема. Ни МЖСПП, ни министерството за финансии, ни Макрадули, ни Заев, никој. Ама важно бројката се врти, кружи. Ефектот од звучноста на бројката во јавност е важен, не вистинската борба против аерозагадувањето и вистинско одвојување на потребните средства таму каде се неопходни. Каква е таа отчетност, транспарентност кон граѓаните? Декларативна само, не суштинска. Зошто суштината е шуплива, не е за јавност.

За крај, само да го потсетиме Макрадули дека на пресот во ноември минатата година, кога го презентираше Планот за чист воздух, кажа дека ЌЕ се набават комплетно нови инструменти за сите постоечки 18 мерни станици во 2019 година. Еве сме на крај од септември 2019 и нема податоци од 19 инструменти од 13 станици, за поставување на нови и не станува збор.

Тој задоволен изјавува дека овој план за 2019 го исполниле. За него исполнување е ЌЕ, измените на Програмата за 2019 три месеци пред крај, неисполнетите редица активности од Планот за чист воздух, нереализираните донации од донаторската конференција, немањето забрана за користење на јаглен, немањето закон за индустриски емисии, немањето потребни контроли на загадувачите, неисправните мерни инструменти, немањето јавен превоз кој нема да загадува, дивите населби и горењето кабли секојдневно, палењето отпад насекаде, на ниви, диви и градски депонии, итн. Да беше ова во приватна компанија, наместо државно министерство, до сега многу сликовито ќе му објаснеа дали е ова исполнување на планираното или дебакл од неисполнување.

2019 измина и продолжува со ЌЕ, додека жртвите и болните како последица од  аерозагадувањето и натаму се зголемуваат со секој нов ден”, се вели во реакцијата на 02 Иницијатива.

Коментирај