Филмското студио Focus Features го објави првиот тизер за хоророт Nosferatu, еден од најочекуваните филмови на годината, а обожавателите се воодушевени.
Претстојниот готски хорор е во режија и сценарио на Роберт Егерс, познатиот режисер на The Witch, The Northman и The Lighthouse. Негова инспирација за Nosferatu беше германскиот експресионистички филм Nosferatu - Eine Symphonie des Grauens од 1922 година и романот „Дракула“ од Брам Стокер.
Официјалниот опис за филмот гласи: „Носферату на режисерот Роберт Егерс е готска приказна за опсесијата помеѓу опседната млада жена и застрашувачкиот вампир кој е вљубен во неа, што доведува до неискажлив ужас“.
Лили-Роуз Деп и Николас Хулт, кои можеме да ги видиме во тизерот, ги отелотворуваат ликовите на Елен и Томас Хатер, додека Бил Скарсгард го игра грофот Орлок, попознат како Носферату. Споредните улоги ги толкуваат Арон Тејлор-Џонсон, Ема Корин, Ралф Инесон, Сајмон МекБурни и Вилем Дефо.

Тизерот за филмот на Егерс собра многу пофалби од обожавателите. За помалку од 24 часа е прегледан речиси 4 милиони пати и има над 74.000 лајкови.
„Како љубител на хорор, ќе уживам годинава. Longlegs, Alien: Romulus и сега ова. Не можам да одлучам за кој сум повеќе возбуден“, напиша еден фан на Reddit.
„Навистина се потрудиле да скријат како Скарсгард ќе изгледа како Носферату. Во неизвесност сум“, додаде друг.
„Егерс го режираше The Witch, кој е мојот омилен хорор филм. Ова ќе биде одлично“, напиша еден корисник на социјалните мрежи.
Nosferatu ќе биде премиерно прикажан на 25 декември 2024 година.