Фудбал

Објавена листата за Златно момче 2019, Де Лигт најголем фаворит за наградата

17. јуни 2019 - 13:53 | К.З.

Италијанскиот весник Tuttosport ја објави листата од 100 кандидати кои ќе се борат за наградата Златно момче 2019, која му се доделува на најдобриот млад играч во светот за изминатата сезона.

Наградата Златно момче почна да се доделува од 2003 година, а ги опфаќа сите играчи до 21 година. Помеѓу досегашните освојувачи се познати имиња како Лионел Меси, Серхио Агуеро, Пол Погба, Рахим Стерлинг и Килијан Мбапе, а годинава Матијс Де Лигт има шанса вторпат да ја освои истата награда.

Холандскиот стопер и капитен на Ајакс минатата година ја понесе наградата и притоа стана првиот дефанзивец кој успеал да се закити со статуетката која се доделува со признанието Златно момче. Оваа година има шанси повторно да испише историја доколку биде избран за носител на наградата по вторпат, бидејќи никој досега ја нема освоено наградата повеќе од еднаш.

Колку и да беше добра сезоната на Де Лигт, тој годинава сепак ќе има завидна конкуренција во играчи како Жоао Феликс (Бенфика), Џанлуиџи Донарума (Милан), Џејдон Санчо (Борусија Дортмунд), Каи Хаверц (Баер Леверкузен) и Винисус Џуниор (Реал Мадрид).

Во гласањето учествуваат 40 новинари од европските земји, но исто така им се остава простор на фановите да гласаат преку линкот кој можете да го најдете со клик ТУКА.

Коментирај