Во американската сојузна држава Конетикат во 2015 година беше отворено прашањето за наоружување роботи и други механички уреди, откако тинејџер на својот дрон намонтира пламенофрлач и полуавтоматска пушка.
Иако за просечните љубители на дронови овој случај изгледа како сценарио од хорор филм, се чини дека и официјалните производители полека се вртат кон наоружување на нивните беспилотни летала.
Секако, сето ова е законско кога е регулирано од потребата за добивка, па корисниците наскоро ќе може на своите дронови легално да додадат пламенофрлач, благодарение на додатокот Throwflame TF-19 Wasp.
Овој пламенофрлач ќе може да се додава на повеќето модели на дронови и овозможува гаѓање на метата од оддалеченост од речиси осум метри. Има и резервоар за речиси четири литри гориво, со што вака наоружаниот дрон ќе може да фрла пламен во траење од 100 секунди.
Ова летечко оружје ќе може да се набави за 1.499 долари, па цената дава некаква утеха, имајќи предвид дека не секој може да си ја дозволи оваа сума покрај цената на дронот врз кој би го намонтирал пламенофрлачот.
Во приложеното видео може да се види модел составен врз основа на дрон S1000 со А2 контролор на лет, 6S 16.000mAh LiPo батерија и TBS Tango R/C далечински управувач.
Од компанијата велат дека додатокот е направен за палење троскот на тешко достапни места и за уништување осила, а не како играчка. Сепак, нема гаранција како може да се употреби ако падне во погрешни раце.