Древен Египет се судри со современата медицинска технологија кога египетска мумија беше подложена на МР скенирање во италијанска болница, како дел од истражувачки проект за откривање на нејзините тајни.
Мумијата на Анхехонсу, древен египетски свештеник, била пренесена од Граѓанскиот археолошки музеј во Бергамо во поликлиника во Милано, каде експертите ќе го расветлат животот на свештеникот и погребните обичаи од пред скоро 3.000 години.
„Мумиите се практично биолошки музеј, тие се како временска капсула“, рече Сабина Малгора, директор на проектот за истражување на мумијата.
Малгора рече дека информациите за името на мумијата потекнуваат од саркофаг што датира помеѓу 900 и 800 година п.н.е., каде што името Анхехонсу, што значи „богот Консу е жив“, е напишано на пет места.
Истражувачите веруваат дека можат да ги реконструираат животот и смртта на египетскиот свештеник и да разберат какви видови производи биле користени за мумифицирање на телото.
„Проучувањето старите болести и рани е важно за современите медицински истражувања - можеме да проучуваме рак или артериосклероза од минатото, и ова може да биде корисно за современите истражувања“, рече Малгора.