Од Штип до Њујорк: Моден викенд Скопје ја стави одржливата мода во фокусот

Александра Спасеска
/ 05.10.2021 / 09:19

Со затворањето на изложбениот салон во Битола и модниот перформанс на проектот „Кружната економија како модел за решавање на текстилниот отпад во Општина Штип“, успешно беше означен крајот на тридневното издание на настанот, во чиј фокус беше бавната мода и циркуларната економија под слоганот „Beyond the Fields“, давајќи им простор за промоција на 30 креативци и нивните дела за време на иницијативниот проект NoWasteMK.

Преку шоу-рум, изложба, експериментална колекција и сет на разговори во Битола и Штип, со онлајн-вклучувања од Штип до Њујорк, NoWasteMK истражуваше и дискутираше на теми за одржливост, со цел да ги поттикне потребните промени кон поодржливо општество и индустрија!

Првиот ден тема на дискусија беше поврзаноста помеѓу „slow food“ и „slow fashion“ и можностите за едукација на новите генерации за како сè можe да се вкрстат двата концепта за плодна иднина. Со „Слоу Фуд Македонија“, на автентична вечера, го промовираа светскиот тренд на соединување на здрава храна и мода, залагајќи се за одговорен однос кон планетата и животната средина.

Визијата на NoWasteMK беше да обедини различни индустрии во Македонија со цел да создаде ефикасен проток на креативност во различни сектори. Своето видување на концептот го претставија преку храна и отворија можност сите заедно да ги пронајдеме точките што нѐ спојуваат, да ја истражиме поврзаноста меѓу земјоделството, храната и модата, погледнувајќи низ призмата на одржливоста, циркуларната економија и локалната култура.

За време на вечерата на гостите им беше поставено едно прашање: „Што би било она што би можеле да го направите во моментов, придонесувајќи кон одговорна мода?“ Некои од уникатните одговори беа искористени во креирањето на програмата на Моден викенд, како: „Промена на односот кон шопингот, инвестирање во сезонски парчиња облека и донирање облека“, додека други одговори беа „Зголемување на побарувачката за прилагодена одржлива облека“ како и „Рециклирање стара облека и намалување на потребата од купување нови модни парчиња“.

Иднината на модата изгледа фигитално - „phy-digital“. Преку модни филмови дигитално беа претставени најновите колекции на учесниците. Сезонскиот концепт беше очигледно дека иако дигиталното неможе да го замени физичкото, сепак овозможува бројни креативни и логистички придобивки, комбинирајќи виртуелна презентација со изложбен салон.  Пред бројните новинари, јавни личности и љубители на убавиот дизајн, своите колекции ги прикажаа, како познати имиња од домашната сцена, така и млади таленти за кои допрва ќе се слушне.

Колекцијата АНИМА со која се претстави Стефанија Насеска, идејно се темели на подигнување на јавната свест за заштита на загрозените ендемски видови на животни што живеат во нашата земја, но и крик за заштита на жената од семејното насилство.  Под мотото на колекцијата „Save us“ се опфатени повеќе области: спас на животните од изумирање, спас на жената жртва на семејно насилство, како и спас на планетата Земја од загадување. Затоа што сите овие три категории имаат една заедничка слабост, а тоа е човекот-уништувач. Дел од целата приказна се и детски илустрации на животни кои ја симболизираат наивноста, чистотата и непакостливоста што ја поседува детето. Во колекцијата преовладува портокалова боја, заштитена боја на жртвите од семејно насилство и зелена боја - боја на животот.

Remote video URL

„The Beginning“ е колекција на Евгенија Зафировска инспирирана од апстрактен елемент кој наликува на скалила или мал аудиториум, кој е пример за спој помеѓу инфраструктурна функција и јавен објект. Архитектурата на иднината може да се гради врз основ на минатото со цел да се постигне соодветна флексибилниост, соодветна одржливост и силни врски на идентитет. Акцентот на колекцијата е поврзаност помеѓу двете области, модата и архитектурата за кои дизајнот претставува креативно решение на проблемите во општеството. Ова е колекција во која се нагласени одржливоста, занаетчиството и естетиката. Претставени се практични и современи парчиња што го рефлектираат времето во кое живееме, бидејќи на тој начин предметот за облека е многу повеќе од само парче облека – тоа е „објект“ со приказна во себе. Парчињата од колекцијата и скалите се преплет на дизајн кои ја трансформираат перцепцијата на просторот. Уникатен процес во кој што се објаснува дека новата ера на луксуз значи да се биде општествено и еколошки одговорен. 

Remote video URL

Трета по ред на првиот ден на Моден викенд се претстави Хана Зека и нејзиното студио за одржлива и бавна мода - „Fight or Flight“ од Приштина, Косово, со најновата колекција WAVELENGTH, која истражува за технологијата на носење интерактивна облека. 

Модниот бренд КТН, зад кој стои сестринското трио Ангелина, Ива и Сандра Китановски, се претстави со колекцијата „Лулу“, која е инспирирана од модерната и авангардна парижанка. Користените материјали се со висок квалитет со цел да траат подолго. Односно сржта на колекцијата е сплотена со суштината на одржливоста. Колекцијата е направена во Северна Македонија под највисок етички код за рачно изработена облека.

Remote video URL

„Son of Salome“ се претстави со колекцијата  „The Cerebrum F/W - 2021/2022“. „Церебрумот зафаќа најголем дел од мозокот. Составен од две хемисфери поделени со централна пукнатина. Ги содржи главните лобуси на мозокот и е одговорен за примање и испраќање на информациите од сетилните органи, како и за контрола на телото“. Оваа дефиниција е метафорично претставена во колекцијата преку форма, текстура и боја, со цел продлабочување на човековото тело и емоции. Крвта и клетките на кожата се прикажани преку текстил и рачно плетени и везени детали. Некои од засеците, покрај тоа што се инспирирани од обликот на мозокот, одразуваат и органски линии што доаѓаат од делови од човековото тело, како што се структурата на коските, градите и 'рбетот. Ткаенините се од природно потекло, некои се рециклираат, а некои се целосно рачно изработени и рачно плетени. Акцентот на колекцијата е на портокаловата боја што претставува оптимизам и големите кроеви што претставуваат разновидност и родова еднаквост. 

Remote video URL

Со својата последна колекција на шапки „The Seven“, модната дизајнерка Мирјана Јосифоска, сосема свесно ги релативизира стандардните конвенции на свесна мода. Секое парче во колекцијата е изработено од текстилен отпад од работилници во нашата земја. Повеќето од шапките доаѓаат со ремени што се отстрануваат.  Откако ремените ќе се отстранат од шапката, тие можат да се спојат заедно и да се користат како шамија. Ремените се дизајнирани во повеќе бои и ткаенини. Инспирацијата за колекцијата доаѓа од фотографиите на Хелмут Њутон. Секој модел во колекцијата е инспириран, дизајниран и именуван по седумте жени што ги фотографираше Хелмут Њутон - Анита Екберг, Шарлот Рамплинг, Елса Перети, Изабела Роселини, Линда Евангелиста, Моника Белучи и Софија Лорен. 

Remote video URL

Со моден филм и дигитална презентација, модниот бренд „Leap Concept“ официјално ја лансираше најновата колекција. „Leap Concept“ е моден бренд посветен на одржливост и циркуларност. Основан помеѓу Шпанија и Холандија, брендот се залага за софистициран дизајн на трикотажа, нагласувајќи ги основните елементи за живот со намера да им овозможат на купувачите да ја изградат нивната гардероба наместо често да ја обновуваат. Модни парчиња бескомпромисни по нивниот квалитет креирани по терк на бавна мода, создаваат концептуална мода која што не може да се препознае во комерцијалните парчиња облека.  Со цел да се затвори кругот на размислувањето за циркуларниот дизајн, брендот нуди насоки за нега на кашмир, поправка на оштетените производи, враќање на користените производи на крајот од нивниот животен циклус, рециклирање или обновување во нов производ.

Колекцијата EUNOIA што ја претстави LUNΛ ADITEYΛ претставува 11 варијации на класичната бела кошула. Мултифункционално парче - парче што може да се носи на состаноци и на прошетка низ природата, да го смени изгледот со неколку едноставни прилагодувања, како што се отстранување на ракавите или отворање на кошулите, што дискретно ја прикажуваат кожата. Деловното парче преминува во удобно парче што може да се стилизира за секоја пригода.  Деталите се во фокусот! Копчињата се направени по нарачка од дизајнерката и нејзините соработници со помош на 3D-печатење и посебна техника со користење на епоксидна смола во комбинација со природни цветови.

Remote video URL

Модниот дизајнер Роберт Ивановски ја претставува новата колекција именувана „X“, која се состои од удобни и разновидни парчиња, лесни за комбинирање и движење. Појдовна точка на инспирација за колекцијата е јапонската борбена вештина кендо мечување, односно основната традиционална облека (кендоги и хакама). Колекцијата се состои од десет модни комбинации за мажи и жени. Доминира црната боја и ленот кој е одличен природен материјал за топлите денови.

„Моден викенд Скопје“ и оваа година ја продолжи плодната соработка со школата за уметност и дизајн „Џолев и уметностите”, чии студенти Теа Клинчарова, Верица Наковска, Предраг Трајковиќ, Марко Пешов, Андријана Јовановска -Павловски, Николина Ристовска, Сара Павловска и Елена Симјановска низ краток експериментален моден филм претставија дел од модните колекции и докажаа дека на македонската мода и дизајн им претстои светла иднина. 

Remote video URL

„Моден викенд Скопје“ ја поддржува иницијативата за намалување на загадувањето и развој одржливата мода. Во рамките на настанот беше претставен експериментален проект со биоразградливи хулахопки, обоени со еко - боја од кора од грозје во партнерство со брендот „Four Twenty Two“ и „GenLight“ лабараторија. 

Remote video URL

Во склоп на „Моден викенд Скопје“ беше претставена изложбата на накит  ACHTUNG BAUSTELLE! изработена со електронски отпад од уметницата Маја Стојковска. Маја се опишува себеси како модерен ловец – собирач на чисти материјали во непосредната околина: на улица, во напуштени визби и пазари. Во разигран, интуитивно - експериментален пристап, нејзината работа произлегува од фасцинацијата за отфрлените материјали и предмети и можностите за нивно повторно откривање во нов, скапоцен предмет. Ахтунг Баустел! е серија за собирање накит создадена со концепт на нула отпад за правење производи, што значи, минимален отпад е направен во текот на целиот процес на изработка на секое уникатно парче.

#NoWasteMК претставува фузија од физички и виртуелни активности, реализирани со грант од Circular Design Assembly, доделен од British Council со фасилитација од Ellen MacArthur Foundation и со поддршка од Британскиот совет во Македонија.

Последниот ден беше посветен на eдукација за одржливоста, проследен со професионални излагања на темата од претставниците на „Fashion Revolution“ во Македонија. Се дискутираше на тема навики на купување, потрошувачка и конзумеризам во модната индустрија на панел дискусијата насловена Consumption Reduced: repair & wear.

Кординаторката на FRMK Ана Јакимовска и гостинската говорничка Билјана Солаковска Михајловска од Fair Wear Foundation презентираа факти, практики, искуства, корисни совети и предлози за нови можности на делување во насока на намалување на конзумеризмот во модата и поттикнување на циркуларната економија, а Александра Спасеска ги водеше присутните низ делот со прашања и одговори, разгорувајќи жива дискусија околу разбивање на митовите и стекнување информирани знаења на овие многу важни теми.

На Consumption Reduced: repair & wear имаше и приклучување од соработници од Индија кои ги пренесоа своите искуства и практики на работа и споделија мислење на тема конзумеризам.

„Одржливата иднина во модната индустрија бара информираност, свесност и отвореност кон одржливи практики. Неопходно е успорување на потрошувачката која има тренд на пораст низ годините. Заедно со „FairWear“ и „Utopiic“ доближивме голем дел од начините на такво делување и ги изнесовме нашите видувања за развивање на свеста во таа насока. Развивме дискусија која ни докажа дека потрошувачите се заинтересирани за тематиката и сакаат да придонесат со попаметни куповни навики“ - изјави Ана Јакимовска, координатор на Fashion Revolution Macedonia.

Текстилната трговска асоцијација – Текстилен кластер, Македонското модно здружение предводено од дизајнерката Ирина Тошева, советничката за одржлив развој Шарлот Вандиерендонк и модната дизајнерка во подем Т*МИТРОВСКА со десетици врвни професионалци од креативната индустрија, презентираа успешни примери за системот на циркуларната економија во земјата и ги елаборираа предизвиците и можностите за нејзиниот развој.

На 3 октомври пред платото на Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип, како дел од активностите на Моден викенд под мотото #NoWasteMK беа промовирани дел од активностите на проектот „Кружната економија како модел за решавање на текстилниот отпад во Општина Штип“. Во првиот дел на настанот беа презентирани придобивките од проектот финансиран од Глобалниот еколошки фонд , каде збор зеде г. Златко Самарџиев, национален координатор на ГЕФ ПМГ во Република Северна Македонија, како и координаторот на проектот проф. Игор Јорданов, основач на ИНО ТЕХ КЛУБ Штип. Во дебатата се приклучи и Борис Шарковски од Фондацијата за развој на локалната заедница и стави акцент на промоцијата на концептот на циркуларна економија и социјално претприемништво кое е во зародиш во нашата држава, а има огромен потенцијал за развојот на економијата. Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип како партнер во проектот преку ТТФ ги произведе новите перничиња, јорганчиња, шалови и „лејзи бег“ од текстилен отпад од текстилните конфекции во Штип, кои гордо беа презентирани од студентките на Технолошко техничкиот факултет под менторство на професорката Сања Ристески.

Во Штип има над 80 текстилни компании, овој пионерски чекор што го започнавме преку овој проект очекуваме да се развива, да се одржува и да се следи и од други чинители како пример на добра пракса, изјави Дијана Насева од УГД, асистент на проектот и модератор на синоќешниот настан.

За визуелниот имиџ беше заслужна графичката дизајнерка Јана Марковска – Do More.

„Благодарност за сета љубов што нашите модни херои ја добиваа изминатиот период во неизмерни количини“, велат од организацијата на МВСК.

реклама

Што ќе им донесе сезоната на Бикот на сите хороскопски знаци од 19 април до 20 мај?

Read more

Зошто треба прво да се испржи меленото месо, па потоа да се додаде кромид?

Read more

Роберт де Ниро откри кои му се најомилените актери на сите времиња

Read more

Најнеобичните цвеќиња што може да се видат на Земјата

Read more

Стил

Северина или Ирина?

Read more

Џеј Ло не се откажува од трендот на сезоната

Read more

Преполниот куфер ќе стане минато: Пробајте го генијалниот метод 333

Read more

Нема одмор за најубавата спортска новинарка во светот

Read more
 

Магазин

Рецепт на денот: Ароматично пилешко со зеленчук и рузмарин

Читај повеќе

Што ќе им донесе сезоната на Бикот на сите хороскопски знаци од 19 април до 20 мај?

Читај повеќе
  • play_arrow

Најнеобичните цвеќиња што може да се видат на Земјата

Читај повеќе

Три причини зошто вежбањето со тегови е клучно за слабеење

Читај повеќе

Психолог предупредува на 6 збора што може да ја уништат врската

Читај повеќе

Натпреварувачка во „Милионер“ запна на прашање за Адам и Ева

Читај повеќе

Се разбудивте уморни? Овие намирници ќе ве наполнат со енергија

Читај повеќе

5 хороскопски знаци кои се родени за да се збогатат во животот

Читај повеќе

Дали сексот во врска навистина е подобар?

Читај повеќе