Македонија

Одбиено барањето за апанажа на Јанева во Собранието

6. декември 2019 - 17:03 | МИА

Скопје, 6 декември 2019 (МИА) – Членовите на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата на попладневното продолжение на седницата едногласно го одбија барањето за апанажа на поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, осомничена во случајот „Рекет“.

Претседателот на Комисијата Илија Димовски информираше дека до Комисијата пристигнале две барања едното од нејзината адвокатка Ирена Фрчковска, а второто било лично од Јанева.

Димовски посочи дека од формално правен аспект не постојат услови за прифаќање на барањето бидејќи таа не е избрана од Собранието.

– Од формален аспект барањето на Катица Јанева не ги исполнува условите бидејќи таа не е функционер која била именувана од Собранието, рече тој потсетувајќи дека Парламентот учествувал во постапката за избор, но само како предлагач, а изборот го извршил Советот за јавни обвинители.

Според Димовски, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека Катица Јанева, покрај нејзините проблеми што ги има со судските постапки, има едно граѓанско право и обврска, а тоа е да проговори јавно кој го напишал сценариото за злоупотреба на СЈО во делот на уцена врз политичари, политички притисок врз политички партии, барање за услуги од политичари и политички партии да се изјаснат во Собранието по одредени точки како што сака СЈО, како и за аферата „Рекет“.

Неговата колешка од ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова рече дека Јанева покрај законското право треба да има и „образ“, чест и морал за да побара апанажа. Јанева, според неа, ниту заслужува ниту треба да побара апанажа.

Рангелова рече дека не сака да биде ставана во кош со некои пратеници кои биле уценувани од СЈО.

-Јас сум била и сум во предмети на СЈО и најодговорно тврдам дека никој за ништо не ме уценувал. Сакам јасно и гласно да кажам за тоа бидејќи неколку пати во пакет се ставаат колеги пратеници, рече Рангелова.

Димовски на ова одговори дека тој бил предмет на уцени од СЈО за гласање во Собранието.

Ивана Туфекчиќ, независен пратеник, истакна дека моралот е многу важен кога се покренуваат вакви барања за апанажа, односно остварување на плата по завршување на мандат на функционер избран во Собранието.

– Нејзината дрскост да побара апанажа мене ми укажува на тоа дека ние во оваа држава имаме проблем со избирање личности, со консензус, со систем и со вредности, изјави Туфекчиќ.

Дваесет и шестата седница на Комисијата беше прекината на предлог на Трајчо Димков од ВМРО-ДПМНЕ кој побара дополнителни консултации за продолжување на постапката по јавниот конкурс за избор на членови на АВМУ и за именување на членови на Програмскиот совет на МРТВ.

Претходно на продолженија на седниците на Комисијата беше предложен главен ревизор, како и директори на други институции, чиј избор со месеци беше блокиран.

Коментирај