Останати спортови
ЦЕВ ЗЛАТНА ЛИГА 2020

Одбојкарите ги добија противниците во Златната лига

17. декември 2019 - 14:52 | Ф.З.

Македонската одбојкарска репрезентација ќе игра против Чешка, Турција и Португалија во својот деби настап во Златната лига на Европа.

Денешната жрепка во Луксембург одлучи Македонија да се падне во групата Ц и тоа со стари ривали. Сеќавањата од пресметката со Турција се најсвежи бидејќи против нив игравме на Европското првенство каде нѐ победија. Со Турците сме играле многупати, исто како и со Чешка и Португалија.

Во Групата А се Белгија, Словачка, Шпанија и Романија, додека во групата Б се Холандија, Украина, Естонија и Белорусија. Првопласираните ќе обезбедат место на фајнл-фор турнирот заедно со домаќинот Белгија. Доколку Белгија се пласира на првото место во својата група, фајнл-фор ќе обезбеди второпласираната репрезентација.

Капитенот Никола Ѓорѓиев е голем оптимист. Се надева на максимален скор на домашен терен и по некоја победа на гости.

„Ова е тешка група, но на ова ниво лесна воопшто нема. Ние сме во кремот на одбојката и тоа е местото каде што заслужуваме да бидеме. Добро е што во првиот натпревар ќе бидеме домаќини, ако успееме да победиме, тоа би бил одличен почеток. Секако дека ние не сме фаворити за влез на завршниот турнир, сепак ова не е како во сребрената лига, но имаме екипа којашто што може да направи нова историја доколку сме здрави сите. Португалија е домаќин на Челенџер купот, па прочитав дека селекторот ќе ја искористи Европската златна лига за да ги провери сите играчи, мојот техничар во Фридрихсхафен е капитен на Чешка, па ќе се обидам да соберам некоја информација и од него, а Турците ги знаеме и се надевам дека ќе им се реваншираме за поразот на ЕП. Мојот сон е три победи дома и една или две на гости, а тоа значи пласман на завршниот турнир. Само да сме здрави”, оптимистички вели капитенот чија изјава за пренесе веб-страницата на ОФМ.

Натпреварите ги започнуваме дома против Чешка кон крајот на мај, а неколку дена подоцна патуваме кај Турција. Групата ќе заврши на средината од јуни со гостување кај Чешка.

Распоред:
1. коло - 23/24.5.2020: Македонија - Чешка
2. коло - 27.05.2020: Турција - Македонија
3. коло - 30/31.05.2020: Португалија - Македонија
4. коло - 06/07.06.2020: Македонија - Португалија
5. коло - 10.06.2020: Македонија - Турција
6. коло - 13/14.06.2020: Чешка - Македонија

Коментирај