Машката одбојкарска репрезентација на Македонија ќе биде дел од 12-те национални тимови што ќе учествуваат во изданието од Златната Европска лига на ЦЕВ во 2025 година.
Покрај нашите најдобри одбојкари ќе се натпреваруваат уште Чешка, Португалија, Романија, Финска, Хрватска, Грција, Шпанија, Латвија, Словачка, Црна Гора и Израел.
Во третата година во низа како дел од силното континентално натпреварување, машката репрезентација ќе одигра 6 квалитетни натпревари. Како и во претходното издание, така и во ова ќе се игра според т.н. швајцарски систем, односно во три турнири, а секоја репрезентација ќе биде домаќин на по еден турнир.
Првите турнири на програмата се викендот од 6 до 8 јуни. Македонија ќе игра на турнирот во Словачка, каде првиот натпревар го игра на 7 јуни против Финска, додека ден подоцна ќе се соочи со домаќинот.
Вториот турнир е предвиден од 13 до 15 јуни во Латвија. Латвијците се противникот со кој ќе ги измериме силите на 13 јуни, додека на 14-ти играме со Грција.
Македонија ќе биде домаќин на турнир во третиот викенд од Златната Европска лига 2025, закажан од 20 до 22 јуни. Нашата репрезентација на 20 јуни ќе го пречека Израел, потоа ќе има слободен ден, додека турнирскиот систем на натпрварување ќе го закружи против Црна Гора на 22 јуни.
По одигрувањето на натпреварите ќе биде формирана заедничка табела на која првите четири најдобро пласирани селекции ќе изборат учество на финалниот турнир, кој ќе се одржи од 4 до 6 јули. Промена може да има само доколку репрезентацијата домаќин на завршниот турнир не е меѓу најдобрите четири екипи на табелата. Организаторот на Ф4 викендот дополнително ќе биде одреден.
Машката репрезентација од 2014 година константно е дел од годишните натпреварувања на ЦЕВ и досега има освоено 4 бронзени и 2 сребрени медали.