Останати спортови

Одбојкарите конечно ќе играат во Златната лига

5. декември 2019 - 20:45 | Ф.З.

Откако ја почувствуваа сласта од настап на европските првенства, а со впечатокот на последниот континентален собир го заслужија местото во елитата, македонските одбојкарски репрезентативци наредната година првпат ќе играат во Златната европска лига, пренесува Одбојкарската федерација на Македонија.

Трипати беа финалисти, но немаа среќа да се израдуваат на пехар, па црвено-жолтите ја кренаа летвичката и наредната 2020 година ќе дебитираат во највисокиот натпреварувачки ранг, односно во Златната европска лига.

Тоа е награда за одличните резултати на премиерното Европско првенство за нас каде во септември нашите одбојкари ја совладаа Белорусија и ко-организаторот, европската сребрена селекција на Словенија.

Со оглед што Македонија сега е 21-ва на ранг-листата на ЦЕВ, македонскиот национален состав во мај и јуни ќе одигра најмалку шест натпревари со исклучително квалитетни противници. Во престижната конкуренција највисокорангирана е Белгија како шеста одбојкарска сила на континетот, а зад неа, но во првите десет е и Холандија. Покрај нив, ќе учествуваат и Чешка, Турција, Украина, Словачка, Шпанија, Естонија и Португалија, како и послабо рангираните од нас Белорусија и Романија.

Дванаесетте репрезентации ќе бидат поделени во три групи со по четири селекции, а секоја ќе одигра со секого дома и на гости. Првото коло е планирано за викендот на 23-ти или на 24-ти мај, а последното, шестото, на 13-ти или на 14-ти јуни. Завршниот турнир ќе се игра на 20-ти и на 21-ви јуни.

Покрај трите сребрени медали досега, македонската репрезентација беше бронзена во Европската лига во 2014, а лани го освои четвртото место. Овој пат, во друштво на најдобрите, генрацијата на Никола Ѓорѓиев ќе се обиде да остане на квалитативно ниво како во Љубљана, каде што за нијанса не успеа да обезбеди пласман во осминафиналето на Европското првенство. Квалификациите за наредното ЕУРО ќе почнат во август, така што настапот во Златната лига ќе им овозможи на нашите одбојкари да бидат на највисоко натпреварувачко ниво во обидот да остварат постојаност во учествата на континенталните првенства.

Коментирај