Фудбал

Одбран најдобриот тим од млади фудбалери кои играат во Македонија

23. јануари 2020 - 17:31 | Ф.З.

Единаесет играчи плус 12 резерви се најдоа во изборот на најдобар тим за изминатава полусезона во домашните лиги за играчи до 21 година.

Порталите MacedonianFootball.com и Transfermarkt.de составија тим од млади фудбалери (родени 1998 и подоцна) кои настапуваат на терените ширум државава. Има фудбалери од првата и од двете втори лиги, а склучени се и странци.

Како што наведуваат, биле земени в предвид исклучиво играчи кои одиграле најмалку половина од натпреварите на нивните тимови (9 од 18 за прволигашите и 7 од 14 за второлигашите). Употребена е формацијата 4-3-3.

На голот е голманот на второлигашот Пелистер, Филип Трајчевски (5 пати без примен гол од 14 натпревари). Пред него одбранбениот бедем го сочинуваат Есмин Личина од Македонија ЃП и Никола Серафимов од Вардар како централни дефанзивци, лево е Кристијан Ефтимов од Борец, а десно Ване Јованов од Академија Пандев.

Во дефанзивниот среден ред е едниот од двајцата странци, Сенегалецот Ламин Џак од Шкупи. Нешто пред него во средината се Горан Томовски од Академија Пандев и Сефер Емини од Македонија ЃП.

На крилата лево е Дарко Додев (3 гола, 3 асистенции) од Силекс, а десно е вториот странец, Албанецот Омар Имери (3 гола, 2 асистенции) од Шкендија. Во нападот најистурен е Давид Тошевски (2 гола, 3 асистенции) од Работнички.

Во првиот ти само голманот е од второлигаш, додека останатите десет играчи се од прволигашите. Но, во резервните 12 играчи има уште четворица од второлигашки екипи, како и еден странец (Цаке од Албанија).

Голмани: Христијан Стевковски (Скопје) и Даниел Котевски (Охрид)
Лев бек: Михаил Маневски (Академија Пандев)
Централни бекови: Јован Манев (Брегалница) и Клисман Цаке (Струга)
Десен бек: Зоран Ивановски (Беласица)
Дефанзивна средина: Али Адем (Вардар), Кристијан Ацковски (Работнички) и Ард Касами (Струга)
Треквартиста: Бојан Миовски (Ренова)
Крило: Арби Воша (Македонија ЃП)
Напад: Дарко Грозданоски (Силекс)

Коментирај