Брегзит, ковид, војна, климатски катастрофи, лоша економија, политичка нестабилност, глобална несигурност, чувство на пропаст која наближува. За сето тоа постои еден збор, а токму тој стана збор на годината според Collins English Dictionary.

Станува збор за пермакриза (на англиски permacrisis) или долготрајна криза, пренесе BBC.
Зборот е дефиниран како „продолжен период на нестабилност и несигурност“, за кој некои тврдат дека е точен опис на изминатите неколку години. Collins English Dictionary го одбра токму тој збор бидејќи „опишува колку 2022 година беше ужасна за голем број луѓе“.
Пермакриза е на врвот на листата од 10 зборови, од кои 6 се нови внесувања во речникот, а ја претставуваат 2022 година.
На листата се најде и „Киев“ откако името на главниот град на Украина почна да го симболизира ставот на земјата против руската агресија.
Во пораст е и праксата на изразот „тивок отказ“ (на англиски quiet quitting) кој претставува извршување на основни должности на работа, но не повеќе од тоа.

„Листата со зборови ја изразува моменталната ситуација во светот“, изјави Алекс Бикрофт, директор на Collins Learning. „Јазикот може да биде огледало на тоа што се случува во општеството и во светот, а оваа година носи предизвик по предизвик“, вели тој.
Collins English Dictionary ја следи базата податоци од 18 милијарда зборови, вклучително и социјалните медиуми, за да ја направи годишната листа на нови и значајни зборови.