Македонија

Одложени судењата за „Т.Н.Т“ и „Маџар-Телеком“

19. ноември 2019 - 11:08 | МИА

Во Кривичниот суд во Скопје денеска беше одложено рочиштето за случајот „Маџар-Телеком“, поради оправдано отсуство на судијката Ленка Давиткова.

На денешното рочиште требаше да биде сослушан ексразузнавачот Слободан Богоевски.

Случајот против поранешните генерален и финансиски директор на „Македонски телеком“, Атила Сендреи и Ролф Плат, како и други две лица за злоупотреба на службената положба и склучување фиктивни договори за консултантски услуги со кипарски фирми, „Маџар телеком” се наоѓа во доказна постапка и се сослушуваат сведоци предложени од одбраната.

Покрај Сендреи и Плат, обвинети се и Михаил Кефалојанис и Золтан Кешиус. Се сомничат дека склучувале фиктивни договори за консултантски услуги со кипарската консултантска куќа „Чаптекс холдингс лимитид“ и на тој начин ги оштетиле Македонски телеком и Буџетот на Македонија.

Судењето почна во 2011 година, а потоа случајот го презеде Специјалното јавно обвинителство. Сега предметот повторно е вратен на ОЈО.

Следното рочиште за случајот „Маџар-Телеком“ е закажано за 28 ноември. 

Одложено судењето за „Т.Н.Т“

Судењето за предметот „Т.Н.Т“ за уривањето на комплексот „Космос“ на инвеститорот Фијат Цановски се одложи за 25 ноември, поради полициска наредба за спроведување на обвинетиот Миле Јанакиески во ОЈО за гонење на организиран криминал за давање на исказ.

Судот на почетокот информираше дека во однос на барањето од бранителот на обвинетата Елисавета Најдовска, адвокатот Мерџан Даути, за увид во списите од предметот на албански јазик се обратил до Адвокатската комора на Северна Македонија, од каде добил одговор дека според одредбите од Законот за адвокатура, за да може да ја извршува функцијата адвокатот, меѓу другото, треба и активно да го зборува македонскиот јазик.
– По мислење на судот овој случај е класичен пример за одолговлекување на постапката и спречување на правото. Тоа е очигледно со направената промена на бранители. Евидентно е дека Димитар Дангов, Мерџан Даути и Елисавета Најдовска со направената промена имале намера за одложување или застарување на делото, изјави судијата Огнен Ставрев.
Од Адвокатската комора, исто така, го информирале Судот дека ќе отворат дисциплинска постапка против адвокатот Димитар Дангов.
Судијата Ставрев, на почетокот информираше и дека добил поднесок од јавната обвинителка Вилма Рускоска со кое се одбива како неосновано барањето на обвинетиот Тони Трајковски за изземање на обвинителот Рустеми.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Огнен Ставрев, а застапник на обвинението е Бурим Рустеми од ОЈО Куманово.

За делото обвинети се повеќе лица меѓу кои екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и тогашниот градоначалник на Општина Гази Баба Тони Трајковски, додека во отсуство му се суди на поранешниот премиер Никола Груевски.

Коментирај