Одлуки од 51. Седница на Владата

Скопје, 9 март 2021 (МИА) – Владата на Република Северна Македонија на денешната 51. седница донесе Одлука за забрана за движење од 22:00 часот до 05:00 часот од 10 до 22 март, за обезбедување средствата за бонус за здравствените работници за период од девет месеци, ја усвои е Агенда: Европа дома…

На денешната седница на Владата донесена е одлука за забрана за движење на населението и на возилата од јавен превоз на територијата на Република Северна Македонија, во временски период од 22:00 часот до 05:00 часот наредниот ден, почнувајќи од 10 март 2021 година (среда) до 22 март 2021 година (понеделник).

Одлуката за забрана за движење не важи за патниците коишто доаѓаат или заминуваат од меѓународните аеродроми, на кои за време на полицискиот час како дозвола за движење ќе им се признаваат авионските карти. Оваа отстапка е иста и за патниците во меѓународниот превоз на патници.

За транспортерите на лица и на стока кои транспортот го спроведуваат за време на забраната за движење, како дозвола ќе се прифаќа патниот налог, додека транспортерите што транзитираат ќе имаат обврска најмногу за три часа да ја напуштат земјата од еден до друг граничен премин.

Надлежните служби на граничните премини ќе ги пропуштаат патниците кои со лични возила ја напуштиле земјата пред воведувањето полициски час, при што ќе се спроведуваат и до сега активните мерки за задолжителен ПЦР тест за оние што доаѓаат од оние земји за кои оваа постапка е задолжителна.

Со заклучок на оваа седница на Владата, Министерството за информатичко општество и администрација е задолжено да објави соопштение со кое ги известува граѓаните и економските оператори дека се обновува важноста на веќе издадените дозволи издадени за време на претходните одлуки за забрана за движење.

Министерството за информатичко општество и администрација ќе им ги преиздаде решенијата за слободно движење на оние кои во меѓувреме ги загубиле дозволите, како и на оние кои имаат дополнителни барања за дозволи за движење врз основа на доказ за неопходноста на тоа барање.

Отстапки од забраната ќе има и за сите граѓани кои за време на забраната за движење имаат потреба од итна медицинска грижа и за слободно движење оваа потреба ќе треба да ја најават на службата 192 на телефонот на Министерството за внатрешни работи.

За дополнителните исклучоци во однос на забраната и посебниот режим на движење на населението и возилата, доколку има потреба ќе ги утврдува Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на Коронавирус COVID-19, во соработка со надлежните органи на државната управа.

Со оваа одлука на Владата се опфатени и сите домашни и странски физички лица, патници од земјите од африканскиот континент кои влегуваат на граничните премини на територијата на Република Северна Македонија, задолжително ќе се упатуваат во 14 дневна домашна изолација (карантин).

За сите видови групни или индивидуални патувања, патниците од земјите од африканскиот континент кои транзитираат низ територијата на Република Северна Македонија, задолжително ќе биде потпишувањето на Изјава за транзитирање.

На оваа своја седница Владата ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од реструктуирање на Проектот за итно справување со COVID-19 во Република Северна Македонија, односно на заемот од Светска Банка во висина од 90 милиони евра, и за оваа своја намера да ја извести банката.

Со реструктуирањето на планот за користење на овој заем ќе се обезбедат средства за  финансиска награда за здравствените работници за зголемен обем на работа во борбата со COVID-19 во висина од 7,7 милиони евра за исплата на планираниот бонус за период од девет месеци, односно од април заклучно со декември 2020 година.

Дел од средствата ќе бидат пренаменети за набавка на опрема за регионалните здравствени центри, како и за финансирање на набавка на вакцини.

Владата на Република Северна Македонија денеска донесе одлука да се спроведе едукативна и информативна кампања од исклучителен јавен интерес за заштита и за имунизација на населението од КОВИД-19 и го задолжи Генералниот секретаријат во рок од 15 дена во координација со Министерството за здравство и со Секторот за односи со јавност на Владата да спроведе јавна набавка за избор на идејно и креативно решение и за реализација на кампањата.

Во планирањето и спроведувањето на информативната кампања, Владата на Република Северна Македонија ќе работи транспарентно и отчетно за да се обезбеди високо ниво на информираност, сензибилизираност, мотивираност и учество на граѓаните во справувањето со COVID-19 и за прифаќање на процесот на имунизација.

Владата ќе спроведе и едукативна и информативна кампања од исклучителен јавен интерес за справување со корупцијата тргнувајќи од оценката дека од особена важност е и граѓаните и државната администрација да се мобилизираат во обезбедувањето заштитни механизми и отпор кон корупцијата која го разорува општеството по сите основи.

Во информацијата усвоена на седницата, нагласено е дека комуникацијата во едукативните кампањи ќе биде релевантна и поврзана со прашања од највисок интерес на граѓаните, објективна, информативна и непристрасна и ослободена од политичко-идеолошки бои или позадини.

Карактеристика на едукативните кампањи ќе биде пропорционалност и рационалноста во соодветното искористување на ресурси кое ќе гарантира дека вложените средства и ресурси ќе бидат насочени на ефективен начин за да се предизвика соодветна општествена промена за која нема дилеми дека е неопходна.

Владата ја разгледа и утврди „Агенда Европа дома“, како документ кој е комплементарен на различните стратешки документи и целосно ги отсликува заложбите на Владата и Акција 21, рефлектирани во Буџетот и Фискалната политика и планираните инвестиции во текот на годината.

Станува збор за хоризонтален документ-водилка на патот на европеизација на Северна Македонија, алатка за насочување на ресурсите кон клучните реформи и очекуваните резултати кои се неопходни за извештајот на Европската комисија за оваа година да биде повторно со позитивна конотација.

Ваквиот пристап ќе овозможи фокусирано и сеопфатно следење на напредокот во клучните области како што се изборните реформи, правосудството, борбата против корупција и организиран криминал, темелни човекови права, реформи во медиумската сфера, економско владеење, реформа на јавната администрација.

Поради важноста на животната средина и климатските промени, не само во националниот контекст, туку и согласно Зелената агенда за Западен Балкан на ЕУ, вклучени се приоритетни цели и активности и за оваа област.

За соодветна подготвеност на институциите и Владата за процесот на пристапни преговори, вклучени се приоритетни цели и активности за ревизија на механизмот за управување и координација на пристапните преговори.

Владата го задолжи Секретаријатот за европски прашања да подготвува неделен пресек за статусот на спроведување на мерките, за кои заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања ќе ја информира Владата на секоја седница во рамките на редовната предточка „Статус на европската интеграција“ почнувајќи од 16.3.2021 година.

На предлог на Министерството за финансии Владата денеска го утврди текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на личен доход, по скратена постапка со кој во насока на обезбедување на понатамошна поддршка на самостојните вршители на дејност при справувањето со последиците од коронавирусот, се предлага продолжување на мерката-ослободување од обврската за плаќање на аконтациите на данокот на личен доход за месеците март, април и мај 2021 година.

Предложените измени се со цел да се обезбеди поддршка на занаетчиите-паушалисти во справувањето со последиците од коронавирусот, и се дава можност самостојните вршители на дејност во 2021 година да плаќаат за 50% помали аконтации во однос на претходната година како олеснителна мерка за справување на последиците од кризата заради COVID-19.

На денешната седница Владата ја разгледа и усвои Информацијата за изнаоѓање решение за Ски центарот Попова Шапка, како и можноста Елем Турс да се одвои од АД Електрани на Северна Македонија за да функционира како самостоен субјект во рамките на Владата.

Целта на овaа иницијатива, во која учествуваат Министерството за економија, Елем Турс Скопје, Управата за животна средина при Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство, Општина Тетово, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и Граѓанска иницијатива „Да ја спасиме Попова Шапка” е да се разгледаат сите можности за креирање на модерен, високо квалитетен скијачки центар од национално и меѓународно значење и максимална грижа за постигнување рамнотежа помеѓу природните еко-системи и природните убавини на Шар Планина.

Владата на Северна Македонија денеска ја разгледа и усвои Информацијата и донесе одлука за продолжување на постапката за основање на Туристичка  развојна зона „Сарај – Езеро Треска“.

Постапката за основање на Туристичка  развојна зона „Сарај – Езеро Треска“ ќе се спроведува согласно Законот за туристички развојни зони со уредени погодности за инвестирање во проекти со посебна намена.

Тагови
реклама

Со едноставен водоводџиски трик ослободете се од смрдеата од одводот

Read more

Трик со омекнувачот за облеката да мириса убаво и до седум дена

Read more

Како е поврзано пиењето кафе со ракот на дебело црево?

Read more

Во која храна ги има трите минерали најважни за тироидната жлезда?

Read more

Македонија

Ванковска: Преспанскиот и бугарскиот договор се колонизаторски договори

Read more

Ковачевски: СДСМ ќе ја внесе Северна Македонија во ЕУ и ќе ги зачува вредностите на ЕУ дома

Read more

ГРОМ, Интегра и ПЦЕР се здружија: Коалицијата Храбро за Македонија нема да поддржи уставни промени ниту пред, ниту по изборите

Read more

Почна реконструкцијата на стариот пешачки мост на Вардар

Read more
 

Вести

Во Франција за Велигден ќе биде распоредена полиција пред секоја црква

Читај повеќе

Расправија за паркинг во Аеродром прераснала во голема тепачка

Читај повеќе

Се степале вработени во болница во Карпош

Читај повеќе

Дарко Лукиќ од 1 јули е новиот извршен директор на Групацијата Нелт

Читај повеќе

Ванковска: Преспанскиот и бугарскиот договор се колонизаторски договори

Читај повеќе

Тошковски: Приведен е и трет осомничен во врска со убиството на лекарот во Железара

Читај повеќе

Синоним за престиж – Шпаркасе Банка ја претстави новата дебитна картичка Visa Platinum

Читај повеќе

Странските компании загубија 107 милијарди долари со повлекувањето од Русија

Читај повеќе

Пет сценарија како Франција може да се вмеша во војната во Украина

Читај повеќе