Фудбал

Ограбен Иван Перишиќ, украдени се луксузни рачни часовници вредни 82.000 евра

14. јуни 2019 - 11:32 | А.С.

Хрватскиот репрезентативец и фудбалер на Интер Иван Перишиќ е жртва на тешка кражба.

Додека бил во Хрватска на собир со репрезентацијата, неговиот стан во Милано каде што живее со сопругата Јосипа и децата Леонардо и Мануела бил опљачкан и украдени му се три скапоцени рачни часовници во вкупна вредност од 82.000 евра.

Весникот Stampa открива дека откако Перишиќ се вратил во Милано, пријавил во полиција дека станот на 19-тиот кат во комплексот Bosco Verticale во елитната населба Гарибалди бил опљачкан.

Украден му е рачен часовник Hublot вреден 12.000 евра, како и два рачни часовници на сопругата - Rolex limited edition Audemars Piguet вреден 20.000 евра и модел Carolina Bucci вреден 50.000 евра.

Тој во полиција рекол дека часовниците биле сместени во кутија во горниот дел од плакарот и дека последен пат ги видел на 27 мај пред да замине за Хрватска.

Тој додаде дека не биле украдени пари, ниту други скапоцености во станот и дека немало знаци на насилен влез во станот.

Зградата во која живее Перишиќ е под 24-часовен надзор, а единствената личност која влегува во домот на фудбалерот освен неговото семејство е жената која го чисти станот.

Коментирај