Наука

Огромно откритие на повидок: NASA пронајде органска материја на Марс

8. јуни 2018 - 11:00 | К.З.

Роверот на NASA наречен Curiosity пронајде сложена органска материја закопана и зачувана во древни карпи кои формирале езерско корито на површината на Марс пред повеќе од 3 милијарди години.

Ова откритие е најдеталниот доказ за карактеристиките на планетата пред таа да стане напуштениот свет кој го знаеме сега. Марсовските езера биле полни со јаглеродни компоненти кои се неопходни за живот, или барем за животот каков што ние го знаеме.

Истражувачите не можеа да откријат како се формирал органскиот материјал и затоа го оставаат отворено клучното прашање: дали се работи за остатоци од организми кои порано живееле таму; дали тие настанале како хемиска реакција од камењата; или биле донесени на Марс од вселената преку комети и остатоци кои паднале на површината на оваа планета? Сите опции изгледаат возможни.

„Иако не го знаеме изворот на материјалот, зачудувачката конзистентност на резултатите ме тера да мислам дека ова е голем чекор напред во истражувањето на животот на Марс. Тоа не значи дека жив свет некогаш живеел на површината на оваа планета, но ни покажува дека сите потребни услови за живот на планетата некогаш постоеле“, вели Џенифер Ајгенброде, биогеохемичар во NASA.

Роверот на NASA веќе шест години го проучува кратерот Гејл на Марс и досега забележа голем број органски молекули на површината на оваа планета. Кога ги собираше овие примероци, Curiosity ги загреваше и забележа дека на температури над 500 степени целзиусови од нив почнало да испарува чад. Научниците велат дека овие карактеристики се многу слични на оние што можат да се најдат кај јагленот.

Curiosity и претходно пронајде знаци на живот на Марс, откако во 2015 година пронајде организми богати со хлор на карпите на оваа планета, но поради големите шанси тие да бидат потенцијално опасни, никој не беше убеден од резултатите.

Според Инге Лоес тен Кате, геолог на Универзитетот во Утрехт од Холандија, новите докази претставуваат „долго очекуваното откритие на органски живот на Марс“.

Коментирај