Здравје
„Snapchat dysmorphia“

Опасен тренд: Селфи филтрите нов феномен во естетската хирургија

10. август 2018 - 10:58 | Б.С.Б.

Докторите од одделот за дерматологија на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Бостон укажуваат на новиот феномен кој сè повеќе е распространет меѓу луѓето кои сакаат да направат естетски корекции по хируршки пат.

Нивниот извештај е објавен во медицинското списание JAMA Facial Plastic Surgery. Според досегашното искуство сè повеќе пациенти доаѓаат кај естетските хирурзи со селфи фотографии обработени со различни филтри и бараат идниот изглед да им биде како што е направен на фотографијата, со помош на Photoshop, Photo Wonder, Visage, CreamCam и слични aлатки и апликации. На нив тие се идеaлно нашминкани, со остранети акни и брчки, скратен нос, разубавени уши и изгледаат младолико и поздраво.

Во извештајот докторите укажуваат дека станува збор за опасен тренд бидејќи филтририраните селфи фотографии прикажуваат недостижни идеали, ја замаглуваат линијата на реалноста и создаваат фантазија со која се опседнуваат пациентите. По хируршкиот зафат најчесто овие луѓе не се задоволни со резултатот и подлежат на нови зафати со цел да го остварат неможното.

Експертите од Бостон им препорачуваат на докторите таквите пациенти да ги упатат на психолози и психијатри, исто како што и досега правеле кога некој би сакал да изгледа како некој актер, пејач или друга славна личност.

Докторите ова модерно нарушување го нарекоа „Snapchat dysmorphia“.

Коментирај