Уличниот уметник JR најде инспирација за својата нова оптичка илузија во Големата пирамида во Гиза, во Египет.
Делото на ЈР е едно во низата големи скулптури и инсталации на десет уметници. Изложбата наречена „Forever is Now“ ќе трае до 7 ноември и претставува прв настан од ваков вид на 4.500 години старата локација заштитена од УНЕСКО. Организиран е од компанијата Art D'Égypte, која има намера да ја промовира египетската уметност со годишни уметнички изложби на историските локации.
„Изложбата претставува спој на историското наследство и современата уметност. Сакавме да ја прикажеме врската меѓу нашата историја и иднината која ќе трае вечно, длабокото влијание на древниот Египет и континуитетот на влијанието преку современата уметност“, велат организаторите.