Помалку од година дена откако ја врати, Rovio одлучи оригиналната игрица Angry Birds сепак да ја прати во историјата.

За потегот да ја повлече оригиналната игрица Angry Birds од Google Play Store, кој несомнено ќе биде дочекан со големо негодување, финскиот девелопер на игрици објави преку својот Twitter профил.
Сигурно многумина би го разбрале ваквиот потег доколку во прашање беше техничка природа. Меѓутоа, според објавените истражувања се чини дека оригиналната игрица им го зема профитот на новите наслови.
„Го разгледавме деловниот случај за 'Rovio Classics: Angry Birds' и поради влијанието на игрицата врз нашето пошироко портфолио, решивме да ја отстраниме од Google Play Store од четврток, 23 февруари“, се вели во соопштението на компанијата. Бидејќи игрицата повеќе нема да биде достапна за преземање, корисниците ќе можат да продолжат да ја играат ако веќе ја имаат на својот уред, но ако ја избришат или сменат уред, се плашиме дека тоа ќе биде крај - можеби ќе среќаваме дури и телефони со инсталирана игрица што се продаваат на огласи, слично на сензацијата „Flappy Bird“.
Доколку користите iPhone, добрата вест е што оваа одлука не се однесува и на вас. Компанијата соопшти дека на App Store игрицата ќе ја преименува во „Red's First Flight“, како и дека за повлекувањето на истата од iOS платформата ќе се размислува во иднина.
Оригиналната „Angry Birds“ игрица свцоето деби го имаше на iPhone уредите во декември 2009 година, а до октомври 2010, кога беше лансирана и за уредите со Android, беше продадена во дури 12 милиони примероци. Ова не е прв пат Rovio да ја повлекува игрицата од продавницата за апликации - прв пат тоа го направи во април 2019, а на барање на фановите во март 2022 ја врати под името „Rovio Classics: Angry Birds“.