Бизнис

Остар пад на азиските берзи поради ширењето на корона вирусот

21. јануари 2020 - 8:27 | МИА

Вредноста на акциите на азиските берзи нагло се намали бидејќи инвеститорите стравуваат од ширењето на корона вирусот во Кина и пошироко, и тоа може негативно да влијае врз стопанствата во регионот.

Индексот MSCI во Азија и Пацифик, со исклучок на Јапонија падна најниско од јуни 2018 година.

На берзата во Токио, индексот Никеи падна за 0,9 проценти, додека вредноста на акциите во Австралија, Сингапур, Јужна Кореја, Шангај и Хонгконг се намалија меѓу 0,2 и 2,3 проценти.

Пазарите се под притисок, како резултат на ширењето на корона вирус, болест слична на пневмонија, од која досега четири лица починаа во Кина, а повеќе од 200 се заразени.

„Таа ситуација берзите ќе ја следат на радар на ризик затоа што, доколку ситуацијата стане критична, тоа би можело да биде голем удар за авијациската индустрија и локалниот туризам“, вели Стивен Инес, стратег во АксиКорп.

Состојбата на берзите се влошува и бидејќи Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ги намали проценките за глобалниот економски раст оваа година, како резултат на неочекуваниот застој на растот во Индија и другите пазари во развој.

Коментирај