Познатиот инсајдер и типстер за телефони, Еван Блас, на неговиот Twitter профил објави фотографии од тоа како би требало да изгледаат новите смартфони на Nokia, 7 Plus и Nokia 1.
Nokia 7 Plus ќе биде првиот Android One уред на компанијата HMD Global, а се очекува тој да биде претставен на Mobile World Congress во Барселона заедно со основниот модел Nokia 1, на крајот на овој месец.
Уредите со Android One всушност користат недомофицирана верзија на оперативниот систем на Google, што значи дека имаат помалку бескорисен софтвер и веројатно се подложни на почесто надоградување (апдејти).
Фотографијата од Nokia 7 Plus покажува бел смартфон со бакарни украси околу камерата и копчињата, како и на работ од телефонот. На задната страна, на самиот капак за батерија е напишано „Android One“, а под камерата се наоѓа сензор за отпечаток од прст. Втората генерација на Nokia 6 исто така има сензор за отпечатоци на задната страна на телефонот, и сличен дизајн како Nokia 7 Plus.
За самиот уред засега се знае многу малку, а се шпекулира дека тој ќе поседува Snapdragon 660 процесор и две Zeiss камери на задниот дел. Исто така, Блас верува дека телефонот ќе има 4 GB RAM и внатрешна меморија од 64 GB.
Освен Nokia 7 Plus, Блас објави и фотографија од Nokia 1, телефон со компактен и едноставен дизајн кој се верува дека ќе поседува базични спецификации и цената ќе одговара на истите. Nokia 1 ќе биде достапен во црна и црвена боја, а ценовно ќе биде сместен во долниот ранг на смартфони. Тој исто така ќе користи Android One, но се очекува да има послаб процесор и помалку RAM.
Овие два уреди би требало да ѝ помогнат на HMD да го заживее брендот на Nokia. Во последниот квартал од 2017 година, Nokia имаше голем пораст на продажбата и продаде повеќе телефони од HTC, Sony, Google, Lenovo и останатите компании кои произведуваат Android телефони.