Свет

Отпуштениот шеф на ФБИ: Трамп е морално неподобен да биде претседател

16. април 2018 - 13:42 | А.С.

Поранешниот шеф на ФБИ Џејмс Коми рече дека Доналд Трамп е „морално неподобен да биде претседател“ и човек кој ги третира жените како „парче месо“.

Коми го даде првото големо телевизиско интервју откако претседателот Трамп лани го отпушти од функцијата шеф на Федералното биро за истрага.

Во интервјуто за ABS News тој рече дека Трамп постојано лаже и дека можно е да го има попречено спроведувањето на правдата и законите.

Во емисијата 20/20 на ABC синоќа тој рече дека не верува во шпекулациите дека е ментално некадарен или дека покажува рани знаци на деменција.

„Не сметам дека е здравствено неподобен да биде претседател. Сметам дека е морално неподобен да биде претседател“, рече Коми.

„Нашиот претседател мора да биде отелотворение на почит и да ги следи вредностите што се во сржта на оваа земја. Од нив најважна е вистината. Овој претседател не е кадарен за тоа“, рече Коми.

Откако беше емитувано интервјуто, партијата на Трамп преку Националниот републикански комитет, излезе со соопштение во кое се вели дека турнејата за промовирање на новата книга на Коми покажала дека „тој има високо ниво на лојалност само кон себе“.

„Полошо од историјата на погрешно однесување на Коми е неговата упорност да каже што било за да продаде книги“, стои во соопштението.

Џејмс Коми ги објави мемоарите „Највисоко ниво на лојалност: Вистина, лаги и лидерство“.

Коментирај