Во Отвореното графичко студио во Скопје синоќа беше отворена изложбата „Невидени“ на уметникот Јован Балов, составена од колажи цртежи, мали хартиени објекти, фотографии, текстови, поетски коментари, акварели и слики создадени во периодот од 1989 до 1995 година.
Приредувачот на изложбата Атанас Ботев вели дека „со гордост може да каже дека е првиот кој воопшто ги видел“, кога оваа уметничка временска капсула била отворена по толку многу години.
„Промената на животната средина и откривањето на берлинската арт сцена го довеле во состојба во која што неминовно морал да го преиспита сѐ она што до тој миг го беше апсолвирал и научил.
Колажите се своевиден дневник, интимен запис за едно време во кое страсно ги впивал импресиите од актуелната берлинска уметничка и културна сцена. Во нив се имплементирани размислувањата и истражувањата на ликовно-естетски план. Колажите се опираат на некаква ригорозна стилска категоризација. Станува збор за специфичен конгломарат од стилови, техники и медиуми процедени низ филтерот на една јасно изградена авторска поетика. Искрени, непретенциозни пастиши во кои се вткаени фино оркестрирани елементи, суптилен но сигурен цртеж, безгранична љубов и ентузијазам...“, вели Ботев.
Во разговор со Балов околу идејата по повеќе од 25 години да ги постават овие дела што очигледно извршиле големо влијание врз него во тој период, уметникот вели:
„Всушност оваа мапа е затворена во 1995 година. Оттогаш до 2016 беше некаде, во некој агол ставена, во моето ателје во Берлин. Атанас Ботев ме посети во 2016 година во Берлин, во ателје и низ еден опуштен разговор дојдовме до идеја дали постои нешто што сме направиле, а никогаш не се видело, не се покажало. Тој момент се сетив дека постои таа мапа што стои конзервирана од ‘95-та година, ја отворивме заедно после толку многу години и заедно ги погледнавме работите. Ни остана на двајцата едно 'Вау!' и прво што рече Атанас беше – 'Ова мора да го покажеме јавно.’“
Какви беа чувствата кога се навративте на овие дела што сте ги создавале во прилично аскетски услови?
„Ние всушност ги помниме мирисите и овие колажи се полни со мириси од еден многу бурен период во животот, толку бурен и содржаен што просто не можам да верувам дека заврши. Интересно е човек да се соочи повторно со себе си, да открие некои моменти, да се потсети на некои детали. Всушност, половина од овие дела се посветени на некои луѓе кои ми значеле во тоа време и се некој начин дијалог со сите тие луѓе, тоа е многу важен момент.“
Има мешавини на турбуленциите што се случувале во Германија во тоа време, но и турбуленциите тука, со распаѓањето на Југославија...
„Тие се автобиограски, тие бележат сѐ што ми се случувало тогаш. Тоа е момент промена на системот во Југославија од социјализам во демократија, тоа е момент кога јас менувам средина, го оставам Скопје деинитивно, заминувам за Берлин, но го носам теретот скопски со мене во Берлин, така и го оставам во Берлин.. Потоа во 1990 го напуштам Берлин и заминувам за Амстердам, значи носам една друга, комплетно друга атмосфера со себе. Носам еден поделен град... сето тоа е тука запишано некаде и ја носи таа една интимна, лична некоја, да кажеме автобиографска форма на исказ.
Бидејќи во тоа време немав ателје и немав можности и услови за работа, бев на некој начин буден и спремен да се соочам со различни естетски принципи, содржини и постапки, така што имав слобода во овие колажи да си играм со сѐ. Тие на моменти носат некој дијалог за тоа што е уметност на Бојс, на моменти се концептуални, на моменти се илустративни, наративни, значи слободно се растеретени сите тие норми да се дела. Тие не биле создадени да бидат дела, а сега после толку години се дела. Биле правени да бидат запис, личен и индивидуален, а не да бидат дела. Меѓутоа сега, во овој момент станаа дела и јас сум пресреќен“, изјави Балов непосредно пред отворањето на изложбата, во полното Отворено графичко студио.
Изложбата ќе биде поставена до 10 март.