Наводните услови од новиот договор што го потпиша Килјан Мбапе „во корист“ на ПСЖ нѐ катапултираат во еден бесмислен фудбалски свет.

Францускиот репрезентативец за да остане во Пари Сен-Жермен и да не замине во Реал Мадрид доби 130 милиони евра само за неговиот потпис на новиот договор. Да, 130 милиони за една чкртаница.
И тоа е далеку од сѐ. Мбапе од ПСЖ ќе зема плата во вредност од 90 милиони евра по сезона во наредните три години. Тоа значи дека за нови три години во француската престолнина Мбапе ќе заработи баснословни 270 милиони евра, а доколку на тоа ги додадеме и оние 130 милиони само за чкртаницата на договорот - тоа се фантастични 400 милиони евра.
Ова дефинитивно повеќе нема никаква смисла.
Бесмислено е, затоа што мораме да се согласиме со Реал Мадрид, да, оној Реал Мадрид кој, во формална жалба до ФИФА, се најде себеси да продава морал за премногу потрошени пари, што „би го загрозило интегритетот на нашиот фудбал“;
Бесмислено е, бидејќи всушност не е логично еден играч да заработува трипати поголема плата од вкупната плата на играчите на Ајнтрахт од Франкфурт, овосезонскиот победник на Лига Европа и носител во жрепката за групната фаза од Лигата на шампионите за наредната - во ист шешир со, погодувате, ПСЖ;
Бесмислено е, затоа што постојано зборуваме за финансиски фер-плеј, ограничувања, казни, само за да видиме дека една компанија троши слични суми откако акумулирала 200 милиони загуби само во минатата година, додека плаќа 630 милиони за вработени и играчи;
Бесмислено е, затоа што претседателот на ПСЖ излегува во јавност и нѐ убедува дека парите не биле пресудни за останувањето на Мбапе. Важи друже Насер, ние можеби сме сиромашни, ама нафта не пиеме;
Бесмислено е, затоа што нормално беше да можеме да правиме некои предвидувања за иднината во светот на фудбалот, додека сега веќе не знаеме ни што е реално, а што не;
Бесмислено е, затоа што лекарите, наставниците, научниците итн. не земаат ни блиску до она што овој шутер на топка ќе го зема, па колку и да бил добар.