Македонија

Пациентка со морбили хоспитализирана на Инфективната клиника, еден пациент во тешка состојба

11. март 2019 - 16:06 | МИА

Скопје, 11 март 2019 (МИА) – Тројца пациенти со симптоми на морбили биле прегледани во текот на вчерашниот ден на Клиниката за инфективни болести од кои двајца возрасни пациенти се амбулантски прегледани и пуштени на домашно лекување, а една пациентка е хоспитализирана на Клиниката.

Станува збор за 29-годишна пациентка од Скопје, без податок за вакцинален статус, соопшти Министерството за здравство согласно податоците од Клиниката.

На Инфективната клиника, како што се посочува, во моментот се хоспитализирани 19 возрасни и 18 деца со морбили, односно вкупно 37 пациенти со морбили. Еден пациент се наоѓа во тешка состојба на одделот за интензивно лекување.

Согласно податоци од Институт за јавно здравје, во периодот од 2 март до 8 март се пријавени вкупно 83 сомнителни случаи на мали сипаници, додека од почетокот на епидемијата во Скопје, вкупно се регистрирани 493 случаи на мали сипаници.

Од почетокот на епидемијата, вкупниот број вакцинирани лица во Скопје е речиси 10.000 лица, додека вкупен број вакцинирани лица на возраст до 14 години со МРП вакцина од почетокот на епидемијата во државата изнесува 15.151 лице. Високиот одзив на вакцинацијата ќе придонесе за кревање на колективниот имунитет.

Инаку, во текот минатата недела во Институтот за јавно здравје се пријавени 2.678 случаи со симптоми на грип, што е за 16,5 отсто намалување споредено со неделата пред неа. Вкупниот број заболени од грип оваа сезона изнесува 15.201 лица.

Коментирај