Кошарка
СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО РАКОМЕТ ЗА ЖЕНИ ЈАПОНИЈА 2019

Падна Русија, во финалето ќе играат Холандија и Шпанија

13. декември 2019 - 15:34 | Ф.З.

Не Русија против Норвешка како што многумина очекуваа, туку во големото финале на женскиот ракометен Мундијал за златото ќе се борат Холандија и Шпанија.

Русинките газеа сѐ пред себе, немаа ниту пораз ниту реми, но потклекнаа во најважниот натпревар. Откако на полувреме се замина со 16:16, при крајот на вториот дел Холанѓанките го преземаа водството поведувајќи со 26:27 и сѐ до крајот го одржуваа тој гол предност.

Бадијала најефикасна беше Ана Вјахирева со 11 погодоци, два повеќе од Холанѓанката Еставана Полман. При 32:32 Холандија постигна победнички гол за огромна радост носејќи ѝ на својата земја второ финале. Пред четири години во Данска Холандија загуби од Норвешка.

Холанѓанките за противник ќе ја имаат репрезентацијата на Шпанија која полуфинале играше првпат по 2011 година и која досега никогаш не играла финале.

Шпанките ја изненадија Норвешка која пред две години играше во финалето и загуби од Франција. На полувреме беше 13:13, но Шпанија заигра фуриозно после паузата и победи со 28:22. Александрина Кабрал со 7 погодоци беше најефикасна.

Големото финале е закажано за в недела од 12.30 часот по македонско време во Кумамото.

За 5-тото место Црна Гора славеше над Србија со 28:26, додека за 8-мото Шведска беше убедлива против Германија победувајќи со 35:24.

Коментирај