Папуа Нова Гвинеја официјално го блокираше пристапот до социјалната мрежа Facebook, а властите го нарекоа потегот „тест за ограничување на говорот на омраза, дезинформациите и порнографијата“, пишува BBC.

Ненадејната забрана, која започна оваа недела, наиде на критики од опозицијата, која тврди дека се прекршени човековите права. Полицискиот министер Питер Цималили Џуниор го бранеше потегот на владата, нагласувајќи дека тоа не е обид да се потисне слободата на говорот, туку „да се заштитат граѓаните од штетна содржина“.
Facebook е најпопуларната социјална мрежа во оваа земја, која ја користат околу 1,3 милиони луѓе, вклучувајќи ги и малите бизниси кои се потпираат на оваа платформа за продажни цели.
— MICHAEL KABUNI (@miqurlkabuni) March 24, 2025
Социјалните медиуми се клучни за олеснување на јавниот дискурс во време на намалување на слободата на медиумите во оваа земја. Невил Чои, претседател на советот за медиуми, рече дека овој потег „се граничи со политичка автократија и кршење на човековите права“.
Уште позагрижувачки е фактот што најмалку две владини агенции, кои ги надгледуваат комуникациите и технологијата, рекоа дека не биле запознаени со плановите на владата и покрај тоа што полицијата тврди дека „тестот“ бил спроведен во соработка со тие агенции, тврди Чои.
PNG government “testing” controls over facebook @Meta in PNG. Blackout, blanket suppression. This is stuff dictators do. pic.twitter.com/p1vd9NJZ3S
— MICHAEL KABUNI (@miqurlkabuni) March 24, 2025
„Влегуваме на опасна територија и сите се немоќни да ја запрат оваа тиранија“, изјави опозицискиот пратеник Алан Брид.
Забраната доаѓа неколку месеци по усвојувањето на новиот антитерористички закон, кој ѝ дава на владата овластување, меѓу другото, да ги следи и ограничува онлајн-комуникациите.
„Тоа е драконски закон дизајниран да ни ги одземе слободите“, беше јасен Бирд, додавајќи дека блокирањето на Facebook е само „првиот чекор“.
И покрај забраната, многу корисници сè уште можат да пристапат на Facebook користејќи VPN.
Забраната на Facebook ги загрижи и илјадниците трговци кои заработуваат за живот на Facebook.
Властите на Папуа Нова Гвинеја долго време се закануваа дека ќе преземат мерки против Facebook. Во 2018 година, Facebook беше забранет на еден месец бидејќи властите се обидоа да ги искоренат лажните профили. Во тоа време како алтернатива се разговараше за идејата за државна мрежа.
Во 2023 година Папуа Нова Гвинеја започна истрага за „лажни вести, лоши вести и социјални медиуми“ во земјата.