Две лица загинаа во железничка несреќа во Австралија, кога експресен патнички воз на релација Сиднеј-Мелбурн излета од шините во близина на градот Валан во Викторија.
Неколку патници побарале лекарска помош поради добиените повреди во несреќата, четворица биле хоспитализирани локално, а еден со хеликоптер бил пренесен во болница во Мелбурн.
Уште не е позната причината за несреќата. Возот наводно пренесувал околу 160 патници кога излетал од шините во 19 часот и 50 минути по локално време, на околу 45 километри северно од Мелбурн.
Противпожарната служба на Викторија соопшти дека петте вагони и локомотивата излетале од шините, а два се превртеле. На местото на несреќата има хеликоптери и амбулантни возила за помош и транспорт на повредените.
Сите возови што сообраќаат на оваа линија се стопирани додека трае увидот и истрагата на местото на несреќата.