Авто новости

Патосниците во Ford SUV EcoSport се направени од пластични шишиња

24. јуни 2019 - 11:33 | А.С.

Пластичниот отпад е еден од најголемите проблеми со кои се соочува човештвото во напорите за спасување на планетата Земја од загадување.

Компанијата Ford е една од оние кои работат на решенија во тој поглед, односно рециклирање и реупотреба на веќе употребената пластика.

Во секој нов Ford SUV EcoSport има патосници што се направени од 470 пластични шишиња за еднократна употреба. Откако овој модел се појави на пазарот во 2012 година, Ford има искористено над 650 милиони пластични шишиња од 500 мл. Станува збор за пластика тешка 8.262 тони, а кога тие шишиња би се наредиле по должина, „синџирот“ би можел два пати да ја обвитка Земјата во ширина.

Ford користи рециклирани пластични шишиња во своите автомобили веќе две децении, а прв пат ги употребија во моделот Mondeo. Во изминатите 20 години компанијата рециклира 1,2 милијарди пластични шишиња годишно.

„Потрошувачите се сѐ повеќе свесни за штетата што ја предизвикува фрлената пластика, а ние веќе долго време сме во мисија да го зголемуваме уделот на рециклирани и обновливи материјали во производството на секој нов автомобил“, вели Тони Ведерхед, инженер на материјали во компанијата Ford.

За да се произведат патосниците, шишињата и капачињата се сечкаат на ситни парчиња, па се загреваат на 260 степени додека не се растопат, а потоа се обликуваат во влакна налик човечката коса. Потоа тие влакна се спојуваат во материјал од кој се прават патосниците.

Потребни се 1.000 години за да се разгради еден пластичен предмет на отпад. Најлонските ќеси што ги користиме секој ден се распаѓаат 10.000 години, а за едно пластично шише потребни се најмалку 450 години.

Коментирај