Португалецот Паулу Бенту, веднаш по поразот од Бразил во осминафиналето на Светското првенство во Катар, објави дека ја напушта функцијата селектор на Јужна Кореја, додавајќи дека тоа го планирал уште од септември.
„Мора да се мисли за иднината, морам да одморам. Ова им го соопштив на играчите. Одлуката ја донесов уште во септември“, изјави Бенту по мечот. „Им благодарам на играчите, дадоа сè од себе, ми беше чест што бев нивни тренер“, додаде Португалецот.
Поразот го оцени како праведен:
„Мораме да им честитаме на Бразил, беа подобри од нас. Тоа е нормална победа за голем тим, кандидат за титулата“.
Изјави дека е многу задоволен од работата на своите играчи.
„Мислам дека можеме да бидеме горди по четири години работа, трет пат во историјата на корејскиот фудбал ја минавме групата“, заклучи тој.