Фудбал

Пеколно последно коло во Серија А: Кој испаѓа, а кој оди во ЛШ?

20. мај 2019 - 16:23 | К.З.

Разврската во Серија А е оставена за последното коло, во кое повеќе клубови ќе одлучуваат за нивниот распоред во следната сезона – некои разочарани ќе мора да ги резервираат четвртоците за играње во Лига Европа, додека некои други веќе се подготвуваат за сурова сезона во Серија Б.

Во последниот месец од сезоната Интер си ги компликуваше шансите за место во Лигата на шампионите наредната сезона, откако во текот на целата година изгледаше како сигурен учесник во елитното натпреварување. „Нероазурите“ беа поразени од Наполи со 4:1, а ремито на Аталанта против Јувентус го остави тимот од Бергамо на третото место на табелата во пресрет на последното коло.

Милан победи против веќе испаднатиот Фросиноне, но тоа не значи многу, бидејќи „росонерите“ мораат да чекаат на исходот на другите клубови во последното коло за да им се отвори шанса за пласман во ЛШ. Во последното коло тие се сретнуваат со Спал, тим кој изненади многумина со сигурната игра оваа сезона и сосем неочекувано се наоѓа на 12-тото место на табелата.

Интер на домашен терен ќе игра против Емполи, кој грчевито се бори за опстанок и има само бод предност пред Џенова, која се наоѓа на 17-тото место. Залетаната Аталанта во последното коло се сретнува со Сасуоло, кој е совршено безбеден на десеттото место на табелата.

На спротивната страна од табелата, битката за опстанок ќе се води помеѓу Џенова, Емполи, Болоња, Фиорентина и Удинезе, со тоа што тимот на Горан Пандев влегува во последното коло како најзагрозен, а притоа ќе мора да оди на гостување кај Фиорентина. Во случај на пораз, Џенова оди долу, во Серија Б.

Коментирај