Предводникот на „Граѓаните“ му честиташе на Брајтон за ремито против старо-новиот шампион, но и ги пофали своите играчи.

Заостанатиот натпревар од 32. коло на Премиер лигата се одигра синоќа, а Манчестер Сити гостуваше кај Брајтон и одигра 1:1. Сити поведе преку Фил Фоуден во 25. минута, а во 38. минута израмни Парагваецот Хулио Енсисо.
Англиските новинари забележаа дека двата тима одиграле прилично симпатичен и забавен натпревар, иако имаше само два гола, а два, по еден за двата тима, беа поништени од ВАР,
„Благодарам многу, мислам дека тоа е најголем комплимент и за Брајтон и за нас. Двата тима сакаа да играат со топка и без топка, двата тима покажаа желба и агресивност, дадоа извонредни голови, особено младиот Енсисо. Беше тоа навистина добар натпревар, му честитам на Брајтон што заслужено си обезбеди место во Лига Европа. Тоа 100% го заслужија поради начинот на кој играат“, изјави Пеп Гуардиола.
Тој особено ги пофали своите играчи оти одигра така добро по големото славје за освоената титула во Премиер лигата збогатено со многу алкохол.
„Играчите на Манчестер Сити покажаа зошто се шампиони. Само 48 часа откако го испија целиот алкохол во Манчестер, дојдовме овде и одигравме добар натпревар. Затоа сме шампиони. И тоа трае. Овие играчи веќе долги години покажуваат нешто посебно“, додаде.
Манчестер Сити до крајот на сезоната има шанса да освои уште два трофеја. На 3 јуни на „Вембли“ ќе го игра ФА куп финалето против лутиот градски ривал Манчестер Јунајтед, а една недела подоцна, на 10-ти, ќе го игра големото финале од Лигата на шампионите против миланскиот гигант Интер во Истанбул.