Фудбал

Перишиќ неизвесен за финалето, по мечот со Англија заврши во болница

13. јули 2018 - 14:35 | М.Д.

Иван Перишиќ, стрелец на првиот гол за Хрватска против Англија, почувствува болка во бедрото, за време на полуфиналната средба, поради што доби медицинска помош во московската болница во четвртокот, ден после натпреварот.

Руските медиуми веќе го отпишаа за финалниот натпревар, но Златко Далиќ вчера порача, дека очекува сите играчи да бидат подготвени за пресметката со Французите.

„Синоќа се случија многу работи, играчите беа весели, не знаеме каква е вистинската состојба, ќе видиме утре. Сепак, очекувам сите да бидат подготвени. Нормално е дека славеа и малку се опуштија, бидејќи 40 дена веќе живееме во изолација без семејствата. Воочи натпреварот со Англија имавме многу проблеми, а ниту еден играч не сакаше да излезе од игра. Никој ништо не го боли. Всушност, толку е јак адреналинот, што половина од нив ниту не знаат дали нешто ги боли“, изјави Далиќ на вчерашната конференција за медиумите.

Меѓутоа, поранешниот доктор на руската репрезентација и фудбалскиот клуб Спартак Москва, Јуриј Василков, смета дека Перишиќ, многу тешко ќе оздрави за финалната пресметка.

„Невозможно е таква повреда да биде санирана за само три дена. Станува збор за најдолгиот мускул во нашето тело, кој има клучна улога во движењето на колкот. Мислам дека ќе биде невозможно Иван да заигра против Франција. Дури иако докторите на Хрватската репрезентација користат блокади, аналгетици, ми се чини дека ова не е изводливо. Сепак, финале на СП е финале на СП. Кој знае?“ изјави Василков во интервју за спортските руски медиуми.

Сепак, во Хрватскиот фудбалски сојуз се оптимистични, кога е Перишиќ и неговиот настап во финалето во прашање.

„Тој вчера беше на магнетна резонанца поради помал проблем, ништо специјално или проблематично“, велат луѓето од Хрватскиот сојуз, но останува да видиме што ќе случува понатаму.

Покрај Перишиќ, за финалето под знак прашалник е и настапот на Иван Стриниќ.

Левиот бек на Хрватска во продолженијата против Англија, исто така се пожали на повреда, па мораше да биде изваден од игра. Останува да видиме дали овие двајца играч сепак ќе бидат подготвени за најголемиот натпревар во своите животи.

Коментирај