Здравје

Пет лаги што му ги кажувате на докторот, на ваша штета

24. ноември 2017 - 14:24 | А.С.

Докторот не може да ви помогне ако не му дадете точни информации за вашата состојба. Сите сакаме да ја разубавиме вистината, но го правиме тоа и на местото каде треба да сме апсолутно искрени, за да ја добиеме помошта што ни треба: лекарската ординација.

Ова се најчестите лаги што му ги кажувате на докторот, а се на ваша штета:

Лекарот ве прашува: „Како се чувствувате?“, а вие одговарате „Супер!“

Вистината е дека веќе некое време се чувтвувате лошо. Ова е многу опасно. Како поминува време може да почнете да тонете во депресија или некоја друга психичка сотојба од која не можете да се извлечете сами, а може да посегнете и по некоја зависност и да се оддалечите од семејството и пријателите. Немојте да патите во тишина. Кажете му на лекарот точно како се чувствувате, дури и ако не можете да ги најдете вистинските зборови. Само така тој ќе може да ве упати на вистинското место. Понекогаш телесните симптоми се резултат на психички проблем.

Лекарот ве прашува: „Дали пушите?“, а вие одговарате „Не баш, само кога излегувам“

Пушачите најмногу мразат некој да им кажува колку е лошо пушењето. Тоа е разбирливо, но мора да му кажете на лекарот искрено колку цигари пушите. Докторот не е тука да ви суди или да ве разубедува, туку да ви постави точна дијагноза за вашата здравствена состојба.

Лекарот ве прашува: „Што има ново?“, а вие одговарате „Ништо посебно, сѐ е по старо“

Сте добиле отказ, не сте го добиле унапредувањето што го баравте, работите повеќе од 8 часа на ден, имате намалена плата или непредвидени трошоци... Ова се битни промени. Малку стрес на работното место е вообичаена работа, но многу стрес е алармантна. Многу луѓе не знаат кое им е нивото на стрес и какви последици има тоа по нивното здравје. Ако докторот ви постави вакво прашање, кажете му што ви се случува, дури и ако вам ви звучи банално. Тука нема простор за его или да се правите силни.

Лекарот ве прашува: „Колку често пиете?“, а вие одговарате: „Само во друштво, евентуално за викенди“

Вистината е дека пиете најмалку 5-6 пати неделно. Повеќето луѓе потценуваат што значи редовно пиење алкохол. Ако пиете повеќе од седум алкохолни пијачки во текот на неделата може да се соочувате со немирен сон, вишок килограми и други здравствени проблеми. Токму затоа треба да водите сметка што, колку и кога пиете и да бидете искрени со докторот по ова прашање.

Лекарот ве прашува: „Каков ви е сексуалниот живот?“, а вие одговарате: „Сосема во ред“

Ова прашање можеби ви звучи премногу интимно, но повторно, докторот е тука да ви помогне, не да ви суди. Ако ви е срам да зборувате за тоа, сетете се дека речиси нема нешто што лекарот не слушнал досега, не сте ни први ни последни. Редовноста на сексуалните односи, вашите сексуални навики и промени што ги забележувате за време на сексот и потоа (болен сексуален однос, чудна боја и мирис на исцедок, црвенило, болка и слично) се многу важни информации за одредување на вашата здравствена состојба, поставување на точна дијагноза и препишување соодветна терапија. Многу болести и состојби се лечат многу побрзо ако се откријат на време.

Коментирај