Здравје

Пет навики на среќните луѓе

14. март 2017 - 11:43 | А.С.

Честопати ја бараме среќата надвор од себе. Инвестираме време и енергија во работата, изгледот, удоволувањето на другите, секогаш целејќи напред.

Меѓутоа, треба да погледнеме во себе. Ако не сте задоволни, не може да бидете среќни. Затоа, прашајте се што ве прави задоволни и што правите за да го постигнете тоа.

Зошто да се менуваме? Дали тоа ќе смени нешто? Можеби знаете што сакате, но не знаете како да го остварите тоа. Можете да си го подобрите животот, а првиот чекор е кога ќе научите како да бидете среќни.

Живејте сега

Во ова брзо време на живеење дозволуваме разните обврски да ни го диктираат не само распоредот, туку и квалитетот на живеење. Ако ги пропуштите важните моменти од вашиот приватен, интимен живот, нема пари или успех што ќе ви го надоместат тоа.

Бидете флексибилни и отпорни

Имате план за денес? Точно составен распоред? Која е веројатноста дека најмалку една точка од дневниот ред нема да оди според планот? Не паничете, научете да бидете флексибилни со своето и со туѓото време. Уште поважно, научете да бидете отпорни на промените, не дозволувајте еден момент на нескладност да ви го поремети целиот ден и да ви го расипе расположението.

Бидете смирени

Смиреноста може да ви помогне полесно и побрзо да ги завршите обврските. Не е некоја голема философија: наместо да го поминете времето во паничење или туфкање, почнете да го решавате проблемот дел по дел. Учењето како да се остане смирен бара пракса, па почнете да учите денес.

Бидете добри со себе

Во авион стјуардесите кажуваат дека прво треба да ја ставите својата маска со кислород во случај на опасност, за да се заштитите и да може да им помогнете на другите. Нема да им бидеме од корист на другите ако прво не бидеме добри и корисни за себе. Дозволете си време само за себе и искористете го на свој начин: медитација, прошетка, трчање, читање, одење на фризер или козметичар, шопинг... што било што ви предизвикува задоволство лично вам.

Не правете ништо

Има огромен бенефит од повременото неправење ништо. Не предлагаме да ги занемарите обврските или семејството, туку едноставно дозволете си период во денот, неделата или месецот кога нема да правите апсолутно ништо. Дали сте знаеле дека во некои земји, колку поголема одговорност има лидерот, толку е поголема неговата градина? Смирете си го умот. Не ја толкувајте оваа безгрижност како мрзливост. Има разлика.

Коментирај