Бадемите се вкусни и здрави јаткасти плодови богати со хранливи материи.

Денес тие се се позастапени во редовната исхрана бидејќи можат да ги задоволат дневните потреби за повеќе видови витамини и есенцијални минерали.
Нутриционистите советуваат да јадете по пет бадеми секој ден за да ги задоволите потребите на организмот за хранливи материи.
Според Times Of India, има дури пет придобивки од редовното консумирање бадеми за кои можеби не сте знаеле.
Богати се со антиоксиданси
Бројни студии ја покажаа важноста на антиоксидансите во заштитата на клетките од оштетување. Бадемите се еден од најбогатите извори на антиоксиданси кои го штитат нашето тело од оксидативен стрес, воспаление и стареење. За да добиеме повеќе антиоксиданси кога ги консумираме овие јаткасти плодови, диететичарите советуваат да не ја отстрануваме лушпата од нив, бидејќи содржи најмногу антиоксиданси.
Содржат големи количини на витамин Е
Витаминот Е е еден од есенцијалните витамини кој му помага на нашето срце да функционира, а исто така има докажани придобивки за луѓето со Алцхајмерова болест. Според диететичарите, бадемите се богати со витамин Е, а само 28 грама бадеми наводно може да задоволат 50 отсто од дневните потреби за овој важен витамин.
Богати се со магнезиум
Друга хранлива состојка која ги прави бадемите чудотворна храна е магнезиумот. Иако ова можеби е непознато за многу луѓе, истражувањата покажаа дека магнезиумот придонесува за подобро извршување на повеќе од 200 различни функции во нашето тело. Според препораките на експертите, здрав возрасен човек треба да консумира 420 милиграми магнезиум дневно.
Може да помогнат во контролата на телесната тежина
Имајќи предвид дека бадмеите содржат големи количини влакна, овие јаткасти плодови се одличен извор на диетални влакна. Затоа, ако секое утро јадеме барем пет бадеми, можеме да останеме сити подолго. Како што објаснуваат диететичарите, ова последователно ќе го намали внесот на калории во текот на денот и ќе ја одржи нашата тежина под контрола.
Помагаат во зачувување на здравјето на срцето
Количината на магнезиум во бадемите ги прави одлична храна за нашето срце, а неколку студии ја открија важноста на нивното редовно консумирање во контролирањето на крвниот притисок. Антиоксидансите присутни во бадемите го подобруваат здравјето на срцето и го намалуваат крвниот притисок, а се верува и дека бадемите го контролираат нивото на шеќер во крвта.