Фудбал

Петит: Меси не е лидер како Кристијано Роналдо

23. јуни 2018 - 13:42 | К.З.
Поранешниот играч на Барселона и освојувач на СП 1998, Емануел Петит, упати загрижувачки критики кон најдобриот играч на аргентинската репрезентација, Лионел Меси. Тој ги нагласи лидерските квалитети на неговиот ривал Кристијано Роналдо и изјави дека Меси не ги поседува истите.

 
Лионел Меси и неговата Аргентина се на раб на испаѓање од СП 2018 уште во фазата по групи по катастрофалниот пораз од Хрватска со 3:0, а освен лошото издание на тој натпревар Меси беше осудуван и поради промашениот пенал против репрезентацијата на Исланд во првото коло.
 
Во последните неколку години секое првенство и натпреварување е опседнато со духот на споредбата помеѓу Лионел Меси и Кристијано Роналдо. Двајцата доминираат со светот на фудбалот во последната деценија и сцената на овој Мундијал беше поставена за „конечно докажување“ околу тоа кој е најдобриот играч од оваа генерација. Португалија предводена од Кристијано Роналдо е многу блиску до пласман во нокаут-фазата, а сите четири гола за репрезентацијата ги постигна Роналдо. За разлика од него, Лионел Меси и понатаму не може да ја затресе противничката мрежа.
 
„Тој (Меси) не е лидер како Кристијано Роналдо. Меси е еден од најдобрите играчи на сите времиња, но мора да го покаже лидерскиот менталитет. Треба да се разбуди. Кога работите во Барселона одат добро, тој е сјаен. Но во Лигата на шампионите видовме дека кога работите не одат добро, тој исчезнува од теренот. Не се грижи за топката, не трча и не е повеќе присутен во играта“, рече Емануел Петит за Paddy Power.
 
Репрезентацијата на Аргентина мора да ја победи Нигерија за да може да помине во нокаут-фазата, а африканската нација се покажа како опасен противник во натпреварот против Исланд. Сега, кога ризикот е најголем е сцената на која Меси треба да докаже зошто е еден од најдобрите фудбалери кои сме ги виделе.

Коментирај