Концепти

Петте најдобри тајни прототипови на Porsche

31. декември 2018 - 10:40 | К.З.

Германскиот производител Porsche успева да остане на врвот на автомобилската индустрија поради посветеноста и храброста за експериментирање со нови дизајни, технологии и изуми во нивните прототипови. Некои од овие прототипови никогаш не стигнуваат до лицето на јавноста, но се клучни за развој на новите модели на Porsche.

Во работните простории на Porsche се наоѓаат многу интересни и ретки модели, а посебно место заземаат прототиповите кои беа развиени од страна на развојно-истражувачкото одделение на компанијата.

Porsche реши да ги почести верните фанови со видео во кое ги претставува петте најдобри прототипови што досега беа недостапни за јавноста. Преку нив може да се види технолошкиот и визуелниот пристап кон работата на компанијата, како и влијанието на секој еден од овие прототипови на новите модели.

На петтото место се најде Porsche 984 – аеродинамичен роудстер со лесна конструкција од крајот на 1980-тите. Овој автомобил тежи само 880 килограми и е опремен со мотор кој развива 135 коњски сили, а има максимална брзина од 220 км/ч.

Четвртата позиција е резервирана за Porsche Cayenne Cabrio од 2002 година. Јасно е зошто овој модел не успеа да се пробие на пазарот, најмногу заради непрактичноста, но и поради недоволно усовршениот дизајн, кој беше многу подобрен во идните верзии на Cayenne.

Porsche 911 Carrera 3.2 Speedster од 1987 година се наоѓа на третото место. Тој е замислен како тркачки едносед од претходната епоха, а е инспириран од моделот Porsche 550 Spider од 1950-тите.

На второто место се најде моделот Porsche Panamericana. За разлика од претходно наведените три модели, овој беше дизајниран не како прототип, туку како целосно функционален автомобил кој беше предвидено да се појави на пазарот. Автомобилот беше дизајниран и склопен во 1989 година, за само неколку месеци, но не се појави пред окото на јавноста поради тогашната „презаситеност“ од модели на Porsche.

На самиот врв на листата која ја направи Porsche се најде моделот 918 Spyder „Rolling Chassis“. Се работи за еден од најсовремените прототипови, кој е многу значаен поради тоа што на него беше тестиран новиот хибриден погон кој подоцна беше применет во продукцискиот модел на 918 Spyder.

Коментирај