Свет

Пијан ја преплива браната-убиец

12. септември 2017 - 14:26 | К.З.

Пијан Велшанец стана првиот човек кој ја препливал браната Хувер, која е стационирана на реката Колорадо. Човекот за овој потег доби казна од 330 американски долари.

Арон Хјуз е 28-годишниот Велшанец кој успеа да стане првиот човек кој ја препливал браната Хувер на реката Колорадо, откако во пијана состојба решил да скокне во водата и да се „разлади“.

„Времето надвор беше топло, можеби имаше преку 40 степени, и решив да скокнам во водата за да се разладам. Одиш во Лас Вегас за да се забавуваш, нели? Епа јас одлучив навистина да се забавувам“, изјави Хјуз, кој до тој момент бил на ергенска забава во Невада заедно со неговите пријатели.

За време на целиот потфат неговите пријатели стоеле на брегот и го бодреле додека тој се борел со немирната вода. Хјуз пливал околу 30 минути долж реката Колорадо, само за на спротивниот брег да го пречека полициска екипа.

„Бев изморен уште на половина пат, но знаев дека морам да продолжам бидејќи во спротивно турбината ќе ме вшмукаше. Можев да го изгубам животот доколку не бев претпазлив и затоа пливав близу до ѕидот на браната“, заврши Арон Хјуз.

Откако пристигнал на другата страна од реката, Хјуз бил приведен и подоцна во станицата добил казна од 330 долари поради „упад во државен имот“.

Околу 270 луѓе загинале пливајќи во браната-убиец во последните 10 години, а единствената причина поради која Хјуз преживеал е бидејќи 9 од 10-те турбини во браната не работеле додека тој пливал.

Коментирај